Во ИК ги нема Тони Михајловски, Даниела Рангелова, Игор Николов…
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва го избра новиот состав на Извршниот комитет на партијата.
Потпретседатели остануваат Александар Николоски и Владо Мисајловски, а за членови се избрани: Иван Иванов, Сергеј Попов (УМС), Никола Мицевски (координатор на пратеничката група), Гордана Димитриевска Кочовска, Рашела Мизрхи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Маркоски, Трајко Славески, Влатко Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонијо Милошоски.
Оставка поднел генералниот секретар на партијата Игор Јанушев од лични причини.
ИК, на кој вечерва ќе му заврши мандатот, беше избран во јануари 2018 година, неполн месец по смената на партиското кормило, односно доаѓањето на Мицкоски на функцијата што речиси една и пол деценија претходно беше „резервирана“ за Никола Груевски.
Тогаш, за членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ беа избрани Владимир Нелоски, Даниела Рангелова, Игор Николов, Трајко Славевски, Драги Димитриевски, Влатко Ѓорчев, Силвана Ангелеска, Тони Михајловски, Димитар Димовски, Дафина Стојаноска, Златко Перински, Коце Трајановски, Дејан Јовановски, Дејанчо Ефтимов, Цветан Трипуновски, Игор Божиновски, Костадин Богданов, Ане Лашкоска и Бајрам Требишки. За членови на ИК беа избрани и тројца претседатели на општински комитети – Иван Јорданов од Штип, Кирил Пецаков од Охрид и Орце Ѓорѓиевски од Кисела Вода.
Подоцна дел од нив поднесоа оставки или беа разрешени од партиските функции (Рангелова, Богданов) за време на внатрепартиските превирања околу референдумот за името и уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор. Исто така, тогаш за генерален секретар беше избран Игор Јанушев, а за потпретседатели Александар Николоски, Владо Мисајловски, но и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој неколку месеци подоцна замина од партискиот врв.
Лидерот на партијата вечерва соопшти и дека ЦК го одбил барањето за вонреден конгрес, кое тој го поднел и на кој немал намера да биде кандидат.