Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не знае дали ќе има словенечки предлог, ама треба, како што вели, да има македонска понуда
Португалскиот предлог не постои, тој е ланскиот снег, веќе не е на маса, затоа што е одбиен, повторуваше во неколку наврати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување на Сител, по враќањето од Брисел. Во однос на словенечкото претседателство, Мицкоски рече дека е убеден оти словенечкиот премиер Јанез Јанша ќе даде максимум за земјава да ги почне преговорите.
Мицкоски рече дека не знае дали ќе има словенечки предлог, ама треба, како што рече, да има македонска понуда.
„Јанша знае со кого си има работа тука во Македонија. Знае дека му пишуваа сешто и дека го напаѓаа. Ама тој е голем пријател на Македонија. Заедно ќе работиме на тоа процесот да се заврши и целосно ќе се ставам на располагање до локалните избори по кои многу работи на политичката сцена ќе се сменат. Убеден сум дека Јанша ќе даде се од себе земјава да ги почне преговорите, но ние мора да ја завршиме домашната задача. Имаме проблем со домашната задача. Се друго се решава“,
рече Мицкоски.
Во врска со престојот во Брисел и разговорите што ги водел таму, Мицкоски рече дека не треба да ја изгубиме надежта дека земјава ќе биде дел од ЕУ.
„Имав можност од прва рака да слушнам од соговорниците во која фаза се наоѓаме. Не треба да ја изгубиме надежта дека Македонија ќе биде дел од ЕУ и мора силно да работиме тоа да се случи. Но, за жал, цели три години откако е оваа Влада, имаме само егзибиционизам на домашен и на меѓународен план. Се што не убедуваше, не се случи. Тоа што требаше да е решение, за нас денес е пречка. Не би рекол дека тоа е само евентуалниот договор со нашиот источен сосед, туку и домашната задача која ние не сме ја завршиле: борбата со корупцијата и криминалот, неиспорачувањето на тоа што е земено како обвска – реформи во економијата, судството, обвинителството. Имаме многу работи да завршиме дома за да продолжиме. Според мене, оваа Влада нема капацитет и не знае како тоа да го заврши, тоа е суштинскиот проблем. Кога тој проблем би го немале, тогаш, убеден сум, многу брзо ќе го добиеме датумот за преговори“,
рече Мицкоски.
Тој повторно го повика премиерот Зоран Заев на ТВ дуел.
На прашањето, пак, дали ќе замине на одмор, Мицкоски одговори дека можеби ќе користи само по некој викенд низ земјава и дека ќе биде фокусиран на средби во селата и градовите низ државава.
„Со пандемијата доста се одморивме. Ова е период кога треба да работиме“,
рече Мицкоски.