Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека се забавувал на вчерашниот прв предизборен телевизиски дуел со политичкиот опонент Зоран Заев од СДСМ.
„Оставам на граѓаните да судат. Едноставно се забавував додека разговарав со господинот Зоран Заев“, вели Мицкоски.
Тој и сопартијците викендов го зајакнуваат „политичкиот менаџмент“ на политичка академија во Охрид, организирана од Институтот за општествени истражувања „МК 91“, а со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“. Сѐ уште не ги открива кандидатите за пратеници, но, уверува дека ќе работат, како што вели тој, за интересите на државата.
„Тоа се луѓе кои имаат интегритет, со сериозно професионално и животно портфолио, луѓе во коишто јас лично како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, партијата, но и граѓаните може да се потпрат и да веруваат дека ќе бидат вистински столбови за одбрана на интересите на Македонија“, изјави Мицкоски денеска во Охрид.
Вчера, Заев го повика Мицкоски да биде носител на кандидатската листа во иста изборна единица со него.
„Непостапувањето на листата, граѓаните го сфаќаат како бегање од прифаќање на одговорноста, затоа можам да соопштам дека јас ќе бидам носител во 4-та изборна единица и го канам господинот Мицкоски, да го победам на домашен терен и во Струмица“, рече Заев во дуелот со Мицкоски на ТВ Канал 5 вчера.
Според Заев, предизборната калицијата со БЕСА е историски чекор, од која очекува повеќе мандати и во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ пак, останува на принципот за постизборна коалиција со албанска партија, како и досега.
Партиите и коалициите треба да ги достават листите на кандидати за пратеници до Државна изборна комисија до 12 март на полноќ.