За плановите за изградба на дата-центри и инвестиции поврзани со вештачката интелигенција, вели дека Владата разговара со шест компании, меѓу кои и „Рамбл“, за изградба на вакви центри
Според него, Владата е подготвена за разговор за акцискиот план, но инсистира процесот да се води со присуство на меѓународната заедница и претставник на ЕУ
Со американската Меѓународна финансиска развојна корпорација (ДФЦ) разговараме за можно финансирање на проектите „Чебрен“ и „Галиште“, како и за други инфраструктурни и енергетски инвестиции. Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон, во кое зборува и за соработката со Соединетите Американски Држави (САД), за гасоводот и дата-центрите, како и за односите со Бугарија.

Во интервјуто, Мицкоски посочува дека американската поддршка за Северна Македонија останува непроменета и оти, покрај соработката во рамки на НАТО, посебен фокус има и врз економијата и потенцијалните американски инвестиции во земјава.
„Тука посебно би го издвоил пристапот со ДФЦ, финансиската корпорација за развој, каде што имав средба со Каролајн Вик, која е практично одговорна за развој и инвестиции низ светот. Финансиското портфолио е околу 200 милијарди долари. Разговаравме за можно финансирање на ‘Чебрен‘ и ‘Галиште‘, разговаравме и за друг тип инфраструктурни и енергетски, податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции кои што би дошле од Америка во Македонија“,
вели тој.
Според него, интересот од ДФЦ за проектите „Чебрен“ и „Галиште“ е огромен и оти цел на Владата е да обезбеди нивно финансирање.
„Велам дека врз основа на оној разговор што го имав во ДФЦ со Каролајн Вик, интересот е огромен. Наша цел како Влада е да обезбедиме финансирање на проектот ‘Чебрен‘ и ‘Галиште‘. Од нивна страна има интерес, истиот проект беше презентиран, задолживме канал за комуникација меѓу Владата и ДФЦ, и тоа е добро“,
рече Мицкоски.
Дополнително, посочи и дека разговорите со ДФЦ се однесуваат и на стратешки и критични инфраструктурни проекти.
„Кога станува збор за стратешката и критичната инфраструктура, тука се гасоводите кои што ги градиме, тука се автопатите, Коридорот 8 и Коридорот 10-д и пругата која што ќе биде модернизирана, а е дел од Коридорот 10 и пругата која што ја градиме, а е дел од Коридорот 8“,
додаде премиерот.
Оваа финансиска корпорација, како што нагласи, веќе е присутна во земјава преку финансирање на истражувањето на рудникот за антимон во Крива Паланка, каде што се присутни во делот на ПД грантирање од пет милиони долари, за развој на проектот во Крстов Дол, во местото Луке, паланечко.
Мицкоски во интервјуто зборува и за развојот на гасоводната инфраструктура, посочувајќи дека планираниот двонасочен гасовод ќе овозможи зголемување на капацитетот за снабдување со природен гас. Со изградбата на северниот интерконектор кон Србија, според него, земјата би можела да стане и транзитна рута за гас.
За плановите за изградба на дата-центри и инвестиции поврзани со вештачката интелигенција, вели дека Владата разговара со шест компании, меѓу кои и „Рамбл“, за изградба на вакви центри.
„Разговараме со Крис Павловски и ‘Рамбл‘ – тие сега направија аквизиција, купија компанија во Германија и сега се компанија од околу пет милијарди долари. Тоа е една сериозна групација која сериозно се развива. Меѓу другото имаме уште пет други компании со кои што разговараме. Сите кои не се разбираат во високата технологија зборуваат за бучава, за водено ладење. Ние сега имаме и воздушно ладење, и фреонско ладење, така што жалам што се уште кај нас постојат и такви политички сили и елементи кои што се обидуваат да не вратат повторно во некои времиња на 19, почеток на 20 век, мислејќи дека на тој начин по пат на емоција ќе привлечат внимание, но мислам дека се политички губитници и ќе бидат поразени бидејќи македонските граѓани сакаат да ја видат државата како оди напред. Оваа Влада има јасен план кој што може да го објасни на една страница“,
вели премиерот.
Економската стратегија на Владата, додава дека се темели на три столба – патна и железничка инфраструктура, енергетика и висока технологија.
Тема во разговорот се и евроинтеграциите и односите со Бугарија. Мицкоски вели дека Владата е подготвена за дијалог, но смета дека во процесот треба да биде вклучена и меѓународната заедница, односно претставник на Европската Унија.
„Бараме решенија. Јас никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај. По мене, за да дојдеме до еден таков процес, најпрвин треба да изградиме доверба, а за тоа треба да разговараме. Треба таа желба да постои и од двете страни, ова е двонасочна улица, не може само од едната страна. Ќе го водиме процесот паралелно, подготвени сме да разговараме за усогласување на акцискиот план за малцинства, се разбира во присуство на меѓународната заедница, бидејќи ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање. Се плашам дека таков дијалог е дијалог на луѓе кои можеби нема да успеат да се слушнат на вистински начин. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија“,
рече Мицкоски.
