Во своето обраќање по повод свеченото одбележување на 150-годишнината од Разловечкото востание, премиерот рече дека историјата нè научила дека државата не се губи одеднаш, туку чекор по чекор, кога некој ќе почне да се откажува од достоинството, од вистината и од народот
Мора да се обединиме за државните и националните интереси, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од Делчево, додавајќи дека ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината, како и дека ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца.

Повикот за обединување во однос на државните и националните интереси Мицкоски го упати во својот говор по повод одбележувањето на 150-годишнината од кревањето на Разловечкото востание во селото Разловци, што денеска се одржа во општина Делчево, на кое присуствуваа претставници на централната и на локалната власт и други гости.
„Денес сме овде, во Разловци, на оваа света земја, за да одбележиме 150 години од Разловечкото востание. Стоиме исправени пред историјата, пред жртвата и пред споменот на луѓето, кои во едно тешко и мрачно време ја избрале најтешката, но и најсвета патека – патеката на слободата“,
кажа Мицкоски.
Говорејќи за востанието, премиерот рече дека тоа не било само оружен отпор, туку будење на народната свест – првиот силен крик дека народот сака да живее достоинствено, слободно и исправено.
„Во овие села, по овие ридови и планини, се роди мислата дека татковината не е само земја, туку идеал за кој вреди да се страда, да се жртвува и да се живее“,
рече тој.
Премиерот потсети дека луѓето што се одважиле на ваков чекор, немале држава зад себе, немале моќни армии и големи сили што ќе ги заштитат, но имале нешто што било посилно од секое оружје – љубов кон татковината и вера дека нивната борба е праведна.
Токму затоа, посочи тој, Разловечкото востание денес не е само историски настан, туку е темел врз кој потоа ќе никне револуционерната борба, Илинден, Крушевската Република.
Историјата, додаде премиерот, не е приказна затворена во учебници, туку жива лекција, предупредување и завет.
„И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес, татковината не ја браниме со пушка в рака. Денес, ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас“,
рече Мицкоски.
Затоа денес, од Разловци, потенцира тој, мора гласно да кажеме дека оваа држава не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби. Овој народ, рече Мицкоски, премногу страдал за да дозволи некој лесно да тргува со неговата чест, но и идентитет и историја.
Говорејќи во тој контекст, премиерот рече дека мора да извлечеме поука од минатото.
„Оваа земја најмногу страдала тогаш кога однатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата. Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние што лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние што пред народот зборуваат за патриотизам, а зад затворени врати им даваат подароци и отстапки на оние што не ѝ мислат добро на државата“,
рече премиерот во обраќањето во Разловци.

Тој кажа дека историјата нè научила дека државата не се губи одеднаш, туку дека се губи чекор по чекор, кога некој ќе почне да се откажува од достоинството, од вистината, од народот.
„И затоа денес нашата обврска е да бидеме мудри, да бидеме будни и да не дозволиме никој повторно да ја продава како евтина политичка монета“,
кажа премиерот наведувајќи дека оваа држава не е создадена со договори зад затворени врати, туку со жртви, со крвта на комитите, револуционерите, илинденците и сите што низ вековите верувале дека слободата мора да постои.
Мицкоски посочи дека оваа генерација има должност да изгради држава што ќе биде достојна за жртвата на тие луѓе, држава во која младите ќе сакаат да останат, држава со правда, со ред, со економија, која ќе отвора можности, таква што нема да живее од минатото, туку ќе ја гради иднината врз темелите на својата историја.
„Мора да се обединиме за државните и националните интереси. Затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца… Денес можеби времињата се поинакви, но обврската е иста“,
рече премиерот.
Обраќање на настанот имаше министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој во својот говор, меѓу другото, кажа дека јунаците на Разловечкото востание можеби не ја победиле империјата, но ја победиле тишината.
„Да не постоеја малите и неуспешни востанија, немаше да постојат ни големите победи. Разловци е токму такво село, кое пред еден и пол век се осмели да разговара со вечноста“,
рече Љутков.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, во својот говор најави дека ќе биде поднесена граѓанска иницијатива Разловци да биде заштитена историска целина, а 19 мај да биде прогласен за неработен ден.
На одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание многубројни делегации положија свежо цвеќе пред реконструираниот Спомен-дом на Разловечкото востание.
