Според Мицкоски, од информациите што ги имал добиено од министерот Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, станува збор за добро организирана група високи претставници на компанијата и лица што управуваат со други правни субјекти и посочи дека постои основано сомнение дека направиле криминал од 6,5 милиони евра

Голем дел од доказите веќе се обезбедени за сите, вели премиерот Христијан Мицкоски во врска со денешната полициската акција, која се спроведува од изутрината и во рамките на која се вршат претреси и се приведуваат неколкумина лица.
„Овие дваесет и тројца што денеска се обезбедени, минус можеби еден, но очекувам брзо од денеска да биде обезбеден пред правдата и сите тие да дадат одговор за овие основани сомневања за кои се обвинуваат, иако можам да кажам дека голем дел од доказите за кои се сомневавме веќе се обезбедени“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.
Прашан за кого точно имаат обезбедено докази и дали е тоа ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, Мицкоски одговори дека докази има за сите и потврди дека тој не е во државата подолго време, но очекува да биде обезбеден и вратен.
Според Мицкоски, од информациите што ги имал добиено од министерот Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, станува збор за добро организирана група високи претставници на компанијата и лица што управуваат со други правни субјекти.
Мицкоски посочи дека постои основано сомнение дека направиле криминал од 6,5 милиони евра.
„Многу докази се најдени, но тоа ќе го оставам на Обвинителството и понатаму на судовите. Мора да веруваме на пресумпцијата на невиност, но тоа што е најдено е навистина загрижувачки. Знам дека како Влада и јас лично често пати од страна на јавноста изминатиот период бевме обвинувани дека многу малку сме преземале акции или чекори во насока на обезбедување на лица што се организирале или индивидуално постојат сомневања дека сториле криминал. Но, ние велевме и баравме трпение бидејќи мора да имаме јасна процедура и докази, но да соработуваат и двата клучни столба, а тоа се Обвинителството и судството“,
рече Мицкоски.
Мицкоски, обвинувајќи дека во обвинителството и судството сè уште има структури кои се повеќе се лојални на претходната влада отколку на правдата, нешто што, според него, претставува наш генерален проблем, рече дека во последно време забележал дека тие сè повеќе се приближуваат да ѝ бидат лојални на правдата отколку на тие на кои претходно им слугувале.
„Многу пати реков и во минатото дека циркус од овие работи нема да правиме, дека немаме намера естрада да правиме од сето ова. Правдата е бавна, но секогаш победува, на крај и така ќе биде и овој пат“,
кажа Мицкоски.
Полициската акција, која се спроведува од изутрината и во рамките на која се вршат претреси, ја координираат двајца обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Ова е засега единствената официјална информација од надлежните органи, кои за што точно станува збор повеќе детали најавија за во текот на денот, кога ќе завршат претресите.
Меѓу лицата што се осомничени, како што засега неофицијално се дознава, се ексдиректорот на ЕСМ и член на Управниот на компанијата, Васко Ковачевски, како и неговиот наследник на функцијата, Васко Стефанов.
Според информации на „360 степени“, едниот се наоѓа во соседна држава, а другиот е во земја членка на Европската Унија.
Осомничени, според неофицијалните информации, се и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, како и комерцијалниот директор на Електрани на Северна Македонија, Ардијан Муча.
Овие пет лица се само дел од повеќетемина осомничени во акцијата на МВР и ОЈО ГОКК, чиј број, според информациите, е многу поголем и наводно опфаќа близу 30 лица.