Очекувам земјата да ги почне преговорите со ЕУ за нешто повеќе од една недела од денеска, затоа што тоа го заслужи не само поради реформите туку едноставно, поради сето она што го направија македонските граѓани. Македонија заслужи да има почеток на преговорите, изјави денеска во Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ние ги споделуваме тие вредности со ЕУ и навистина ова е крајно време ЕУ на дело да ги покаже своите вредности и да ги напушти оние хегемонистички барања на нашиот источен сосед коишто немаат никаква врска со европските вредности, туку тоа се едни барања коишто се можеби соодветни за 2-3 века во минатото, а не за два или три века во иднината“,
порача Мицкоски.
Прашан дали опстојувањето на сегашната влада зависи од почетокот на преговорите, Мицкоски одговори дека „векот на оваа Влада зависи од тоа колку побргу ќе се вразумат дека во суштина се нефункционални“. Според него, решението е во „брзи избори час поскоро“, со цел „државата и граѓаните да излезат од оваа политичка, економска и енергетска криза“.
Мицкоски оцени дека влегувањето на Алтернатива во парламентарното мнозинство и во Владата е „последниот чин на обидот за уништување на Македонија во режија на Зоран Заев и СДСМ“.
Во врска со барањето на Алтернатива за меѓународната ревизија на неколку судски процеси, Мицкоски со став дека е непринципиелно да има политички договор за судски процеси.
„За какво независно судство зборуваме? Ние одамна зборуваме за ‘Рускоска обвинителство’ и ‘Кацарска судство’ и ве повикувам вас медиумите да истражите што се случи со оние прислушувани разговори на обвинители и судии, скандал којшто се објави мислам дека беше 2018 година. Ве повикувам да го прашате МВР. Тогаш министерот рече дека се на сигурно, што се случи со тоа – кој снимал, зошто снимал, за кои потреби снимал и која е содржината на тие материјали. Повикувам го истражите тоа и конечно јавноста да добие одговор на оваа дилема којашто ја имаме веќе неколку години, а политички договор за судски процеси е навистина за мене несфатливо и навистина се чудам како е возможно воопшто да се седне и да се разговара на таа тема, а уште повеќе да се коментира во јавноста“,
рече Мицкоски.
На прашањето дали има противкандидат за избор на позицијата лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека не знае и досега не се заинтересирал. Конгресот на партијата ќе се одржи в недела во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.