„Мислам дека следната недела ќе има сериозен напредок на таа тема. Очекувам и дефинирање на дата за изборите“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Прилеп
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Прилеп изрази очекување дека следната недела ќе се постигне сериозен напредок во дефинирањето на деталите за претстојниот изборен процес и дефинирање датум за парламентарните и претседателските избори.
„Треба што поскоро да заврши дискусијата околу техничките препораки и измени во Изборниот законик кои се дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР бидејќи доцниме и сме влезени во фазата од шест месеци пред избори. Мислам дека следната недела ќе има сериозен напредок на таа тема. Очекувам и дефинирање на дата за изборите“,
рече Мицкоски денеска од Прилеп.
Тој го повтори партискиот став оти парламентарните и претседателските избори треба да се одржат на почетокот на мај и да бидат заедно и на еден трошок за, како што вели, да не се трошат дополнително парите на граѓаните.
По победата на локалните избори во 2021 година, Мицкоски вели дека очекува историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и на парламентарните и на претседателските избори. Вели дека преку теренските активности кои партијата ги започна неодамна се воспоставува „коалиција“ со граѓаните со цел да се слушнат нивните барања.
Додава дека засега не е отворено прашањето за коалицирање со други политички субјекти.
Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела им даде рок на политичките партии до Нова година да се договорат и да постигнат консензус за датумот на претседателските избори со цел да се запазат уставните рокови.