Тој уште еднаш испрати повик не само до Левица туку, како што рече, до сите десни, конзервативни, центар и либерални партии. Во однос со албанската опозиција, пак, Мицкоски кажа дека во текот на вчерашниот ден разговарал со Африм Гаши и го поканил да биде дел од новото мнозинство во општините каде што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат мнозинство. Утре, најави, ќе разговара со Зијадин Села

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и денеска повика на коалицирање на сите што сакаат да му се придружат на неговиот блок за обединување и промена на власта, а за Левица, чиј лидер порача дека нема да коалицира со партии кои имаат дамки во работењето, кажа дека остава тие сами да одлучат.
„Нашата рака е подадена, оставам тие да изберат каква сакаат соработка со блокот. Дали тоа ќе биде во рамки на формална коалиција, дали ќе ги поддржат кандидатите, оставам нека одлучат тие. Протестните гласови, гласовите против коалицијата на власт се во поголем број и се најмалку два пати поголеми од оние кои ја поддржуваат коалицијата на СДСМ. Затоа местото на гласачите на Левица е во најголемата коалиција и ги повикувам да дадат поддршка за да ја направиме Македонија пристојно место за живеење“,
рече Мицкоски.
Тој уште еднаш испрати повик не само до Левица, туку како што рече до сите десни, конзервативни, центар и либерални партии. Во однос со албанската опозиција, пак, Мицкоски кажа дека во текот на вчерашниот ден разговарал со Африм Гаши и го поканил да биде дел од новото мнозинство во општините каде ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат мнозинство.
„Утре ќе се видам и со Зијадин Села. Дополнително ги повикувам сите да се приклучат во оваа најголема коалиција и да работиме со и за народот“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и вчера повика на обединување, а утрово претседателот на Левица, Димитар Апасиев, иако не му одговори директно, преку цитат од Фидел Кастро, испрати порака.
„Првата политичка партија во која учествувал Кастро е партијата Ортодоксо. Тогаш освојуваат само 2 (две) пратенички места во кубанскиот парламент. Ставот на младиот стратег Фидел е: ’Не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење! КОАЛИЦИРАЊЕТО ЌЕ ЈА РАЗВОДНИ ИДЕОЛОГИЈАТА. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали‘“,
напиша Апасиев на Фејсбук.
Додека Мицкоски повикува на обединување и рушење на владата, коалициските партнери во власта порачаа дека остануваат во актуелното мнозинство. Меѓу оние кои се огласија се ДУИ, Беса, ДПА, Демократскиот сојуз, ЛДП, ДОМ, ВМРО-НП и Демократската партија на Турците.
*Поврзани вести: