„Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати договор кој е резултат на преговори во кои не учествува најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и преговори кои се на штета на македонскиот народ и неговиот идентитет“, велат од партијата
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната средба со бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, порачал дека Бугарија треба да го тргне ветото без одложување и пристапните преговори да започнат што поскоро низ призма на европските вредности и критериуми, соопштија од партијата.
„На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба и предизвиците на Македонија во процесот на европска интеграција. Мицкоски ја истакна загриженоста за европската интеграција на Македонија и побара да се отворат преговорите без условувања. Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати договор кој е резултат на преговори во кои не учествува најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и преговори кои се на штета на македонскиот народ и неговиот идентитет. Оваа влада нема легитимитет да преговара и да ги нарушува македонските преговарачки позиции“,
велат од партијата.
На средбата присуствувале и потпретседателот, Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар, Стефан Андоновски и членот на извршниот комитет и портпарол, Марија Митева.