На Македонија и треба нов 8 Септември, нова надеж, национално и сеопштествено обединување околу заложбата за подобра иднина и зачуван идентитет
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка по повод 8 Септември во која се вели дека сега 31 година подоцна стоиме пред ист предизвик да ја зачуваме Македонија од обидите за уцени, а да продолжиме по европскиот пат.
„Гласот тогаш беше храброст, гласот сега ќе биде храброст“,
вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека пред 31 година народот имаше ентузијазам, енергија и надеж.
„После 31 година и поминати голем број на премрежја, предизвици, падови одново се наоѓаме пред крстопат и нови предизвици. Овој пат со многу помала надеж и ентузијазам поради лошото искуство низ годините. Имаме земја заглавена во исполнување на стратешките цели, децениско чекање за промени, отсуство на реформи, лош стандард, висок степен на корупција и уште поголема сиромаштија. Граѓаните ги делат истите страдања, истите маки. Македонецот знае да ја препознае тежината на времињата и да го избере патот кој е правичен, сигурен и носи просперитет и иднина“,
додава Мицкоски во честитката.
Тој додава дека сега повеќе од било кога се потенцирани предизвиците во форма на негација на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура.
„На Македонија и треба нов 8 Септември, нова надеж, национално и сеопштествено обединување околу заложбата за подобра иднина и зачуван идентитет. Како што на 8 септември победи мислата за независна, суверена и самостојна Македонија, така и на претстојниот референдум ќе победи Македонија. Овој референдум ќе ја зацврсти Македонија и сите ние заедно ќе докажеме дека сме достојни на нашите предци и способни да им ја оставите државата просперитетна на нашите деца. Затоа е многу важно сите без разлика на националност, религија и политичка партија да се обединиме и исто како на 8 септември 1991 година“,
додава Мицкоски.
Тој е цврсто уверен дека македонскиот народ, заедно со Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати има и сила и мудрост да го помине и ова премрежје пред кое се наоѓаме.