Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе даде поддршка на законот за јавно обвинителство ако во него се преточи тоа што ќе го каже експертската јавност на јавната расправа.
„Да ја слушнеме јавната расправа, да видиме што ќе се зборува на таа расправа, да извлечеме сиже од тоа што е кажано. Ако тоа од експертската јавност биде преточено во текстот на законското решение, тогаш ние како ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го поддржиме и не гледам причина зошто не би било така. Но, ваков каков што е предлогот, ние како ВМРО-ДПМНЕ, овој старо-нов предлог ниту имаме намера ниту, пак, ни паѓа напамет да го поддржиме, зашто не сакаме да поддржиме уште една амнестија и аболиција на политичари од минатото“,
изјави Мицкоски.
Јавната расправа започна денеска во Собранието. Ќе трае четири часа, а ако има потреба ќе продолжи и утре. Расправата предизвика големо внимание кај стручната и академската јавност. Во собраниската сала „Борис Трајковски“ немаше место за сите присутни, па службите носеа столчиња од другите простории.
На дебатата присутни се републичкиот обвинител Љубомир Јовески, обвинителките Гордана Смаќоска и Фатиме Фетаи, адвокати, но и безмалку половина од Правениот факултет во Скопје. Главно станува збор за професори по уставно и кривично право, меѓу кои се: Гордана Силјановска-Давкова, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева, Гордана Лажетиќ, Владо Камбивски, Светомир Шкариќ.
*Поврзана вест:
ФОТО: Наместо јавна расправа, опозицијата му приреди герила-акција на републичкиот обвинител