Тој додаде дека Владата ќе продолжи со континуирани инвестиции во македонскиот јазик преку образовни реформи, дигитални проекти, поддршка на институциите

Јазикот не е нешто што се чува во витрина. Тој мора да се говори, да се создава, да се развива, порача премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија во Македонскиот народен театар по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Во своето обраќање, премиерот Мицкоски ја истакна клучната улога на младите генерации во негувањето на македонскиот јазик, нагласувајќи ја потребата од обезбедување соодветно образование, современи наставни материјали и платформи кои ќе го поттикнат нивното изучување и љубов кон јазикот.
„Македонскиот јазик треба да биде дел од нашето секојдневие, но и дел од иднината“,
рече тој.
Мицкоски предупреди на предизвиците со кои се соочуваат малите народи во 21 век, кои постојано мора да го потврдуваат своето право на идентитетско обележување, соочувајќи се со моќни пропаганди кои ги напаѓаат нивните идентитетски обележја.
Тој се осврна на болните удари кои доаѓаат од домашни луѓе, кои поради лични интереси неосновано внесуваат сомнеж во историските вистини кои го потврдуваат македонскиот народ и нација.
„Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, и јас како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на нашиот многувековен македонски јазик. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца“,
изјави Мицкоски.





Тој додаде дека Владата ќе продолжи со континуирани инвестиции во македонскиот јазик преку образовни реформи, дигитални проекти, поддршка на институциите.
Ќе се зајакнуваат, рече Мицкоски, Институтот „Крсте Мисирков“ и катедрите за македонски јазик во земјата и во странство, како и вложувањето во програми за изучување и промоција на јазикот преку нови технологии и меѓународна соработка.
„Ќе им овозможиме на младите нови форми за изразување преку јазикот – и во книжевноста и во јавниот живот“,
додаде премиерот Мицкоски.
Свечената академија почна со химна во изведба на детскиот хор „Пиколо“ при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје, настапи и националниот ансамбл „Танец“ и имаше рецитали и интерпретација на извадоци од дела на македонски автори.