Прашан дали референдумот значи дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од барањето за предвремени избори, Мицкоски рече, „напротив, референдумот е одлична можност заедно со него да се одржат и предвремени избори“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска претпладне ја поднесе граѓанската иницијатива за одржување референдум на кој граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Државната изборна комисија (ДИК) беше придржуван од координаторот на пратеничката група на најголемата опозициска партија Никола Мицевски и потпретседателот на партијата Владо Мисајловски.

Мицкоски ги повика сите граѓани, доколку се случи, масовно да излезат на референдумот и да гласаат за поништување на Договорот со Бугарија, кој тој го оцени како најголем проблем и кочница во процесот на интеграција на земјава во Европската Унија.
„Денеска и официјално ја поднесовме граѓанската иницијатива референдумското прашање кое гласи: ‘Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр: 12/2018 од 18.1.2018 година?“ Доколку референдумот се случи, граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со ‘за’, што значи дека престанува да важи Договорот или со ‘против’, што значи дека останува. Ги повикувам граѓаните, без разлика на вера, етничка припадност, без разлика на која политичка опција ѝ припаѓаат, ги повикувам граѓанските организации, сите општествени чинители на едно семакедонско обединување и да застанат против тоа што претставува најголем проблем во евроинтегративниот процес на Македонија, Договорот со Бугарија. Затоа, кога ќе се случи овој референдум, да излезат масовно и да гласаат за престанок на важноста на Договорот“,
изјави Мицкоски по поднесувањето на иницијативата.

Тој очекува денеска да бидат собрани 100-те квалификувани потписи, од кои, како што истакна, првиот ќе биде негов. Списокот со квалификуваните потписи потоа треба да оди во Собранието кое треба да одлучува по него, а потоа, доколку биде одобрен, да уследи фазата на собирање 150 000 граѓански потписи за организирање на референдумот, за што рокот е три месеци.
„Верувам дека во најскоро време ќе бидат собрани тие 150 000 потписи“,
рече Мицкоски.
Бидејќи утре е празник, списокот со 100-те квалификувани потписи, Мицкоски рече дека ќе биде поднесен во Собранието најдоцна в петок.
Прашан дали референдумот значи дека ВМРО-ДПМНЕ се откажува од барањето за предвремени избори, Мицкоски рече, „напротив, референдумот е одлична можност заедно со него да се одржат и предвремени избори“.
„Тоа што почнуваме постапка за распишување задолжителен референдум за лошиот Договор со Бугарија не значи дека се откажуваме од барањето за предвремени избори. Напротив, ова е одлична можност со референдумот на еден трошок да се организираат и избори“,
рече Мицкоски.
Во врска со ставовите на претседателот и на премиерот на државата во врска со референдумот што го бара ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тие често прават политичка гимнастика со своите ставови.
„Пендаровски дури сугерираше референдум, а сега е најголем плукач на референдумското изјаснување. Јас навистина жалам што од ден на ден Пендаровски покажува дека не е достоен на функцијата, а тоа е претседател на сите граѓани“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера изјави дека прашањето што опозицијата ќе го постави на референдумот е дали да се прекине европскиот пат по кој е тргната државата, додека премиерот Димитар Ковачевски во тоа гледа неконзистентност и лични, партиски интереси за задржување на Мицкоски на лидерското место во партијата.