Го повикувам претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги распише изборите согласно Уставот, кажа Мицкоски вечерва пред почетокот на партиска трибина во скопската општина Карпош
По изјавата на премиерот Зоран Заев, кој вчера кажа дека ќе бара согласност од останатите партии за локалните избори да се одржат на 31 октомври, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва посочи дека така би се прекршил Уставот.
„Датумот на избори не е тема за којашто ние ќе зборуваме на зелен пазар, тоа е тема што ја дефинира Уставот и треба да прекинеме со праксата да го кршиме Уставот. Како што е во него дефинирано, така ние треба да се однесуваме и тоа да го применуваме. Ако Уставот вели дека мандатот на градоначалниците и советите е 4 години, тогаш после 4 години ние треба да го имаме првиот круг за избор на градоначалници и советници. Ова не треба да биде тема за дневна политика. Го повикувам претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ги распише изборите согласно Уставот“,
одговори Мицкоски на новинарско прашање вечерва, пред почетокот нa промоцијатa на Концептот „Македонија на сите луѓе“ во скопската општина Карпош.

Мицкоски вели дека на лидерската средба со Заев не се споменал потенцијален датум за локалните избори.
Во јавноста веќе се спомнуваат три можни датуми за одржување на изборите, 17, 24 и 31 октомври. Заев кажа дека ќе бара согласност за локалните избори да се одржат на крајот на октомври, со цел да нема преклопување на пописот со кампањата. ВМРО-ДПМНЕ инсистира изборите да се одржат во средината на октомври, а, наместо нив, пописот да се одложи за ноември. Со ист став е и опозициската Алијансата за Албанците.