„Разговаравме и за нон-пејперот. Ние имаме свој инпут во сето тоа и свое мислење, го пренесовме. Подетално ќе разговараме сега на работниот дел од Самитот, така што, да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога ЕУ јасно кажува дека процесот на проширување е жив“, рече Мицкоски додавајќи дека обврска на македонската влада во оваа смисла е тој процес го зачува, да напредува, но и да не го изгуби достоинството
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е исклучително задоволен од средбата што денеска ја оствари со германскиот канцелар Фридрих Мерц пред почетокот на пленарната седница на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

На средбата, како што рече одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Самитот, се разговарало и за нон-пејперот на Германија и Франција со кој се промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати.
„Разговаравме и на таа тема. Ние имаме свој инпут во сето тоа и свое мислење, го пренесовме. Подетално ќе разговараме сега на работниот дел од Самитот, така што, да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога практично ЕУ односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување е жив. Она што е наша обврска како влада е тој процес го зачуваме, да напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството како што беше пример во минатите децении кога станува збор за нашите аспирации за членство во ЕУ“,
изјави Мицкоски во одговор на новинарски прашања.
Премиерот повтори дека целта на Владата е да остане држава која испорачува најмногу реформи во регионот, да остане фокусирана на проширувањето, но и да го сочува националното достоинство.
„Имавме навистина конструктивна средба со канцеларот Фридрих Мерц. Многу сум задоволен од тоа што го разговаравме. Ние се знаеме и од рамки на Европската народна партија, но ова беше прв состанок помеѓу двајца премиери. Навистина сум задоволен од состанокот. Исклучително сум задоволен и од она што вчера го разговаравме со претседателот на Франција, Емануел Макрон, и со претседателката на ЕК, Фон дер Лајен“,
рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека за време на средбите во Тиват било разговарано и за условот за спроведување на уставните измени, но дека ставот на Владата останува непроменет во однос на тоа прашање.
На новинарско прашање дали земјава може да очекува придвижување во процесот, Мицкоски рече:
„Процесот на проширување е жив и добро е што лидерите на ЕУ денеска ја испратат таа порака.“
Пленарната седница во рамки на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Црна Гора започна попладнево со пораки од европските лидери дека Европската Унија е посветена а регионот.
