Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се чувствува добро, а веднаш по незгодата тој се обрати и на настанот пред прилепчани
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во Прилеп доживеал сообраќајна незгода. На пат кон настанот за промоција на партиските политики, возило удрило странично во автомобилот во кој се превезувал Мицкоски. Причинета е помала материјална штета и нема повредени во сообраќајката.
Како што брифираат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски се чувствува добро, а веднаш по незгодата тој се обрати и на настанот пред прилепчани.
Во обраќањето, лидерот на опозициската партија зборуваше за политиките кои ги планира ВМРО-ДПМНЕ, а кои го засегаат регионот на Прилеп, па вети изградба на автопат кој ќе ја опфати трасата од Скопје кон Велес преку Бабуна кон Прилеп, Битола и Меџитлија, како и закон за забрана за увоз на тутун додека не се откупи домашниот.
На настанот се обрати и кандидатот за градоначалник на Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчевски кои вели дека ќе ја побара довербата со програма во која ќе има реални проекти.
„Како што велиме ние во Прилеп, за да имаме чиста сметка и долга љубов, прва задача ќе биде да се направи еден пресек, една ревизија на целокупното работење во минатите 4 години на локалната самоуправа и јавните претпријатија. Мора да се знае каде бил потрошен секој ЕДЕН денар од граѓаните, буквално секој денар. Тоа мора да биде така, не само за да бидеме отчетни и за да почнеме од нула, туку за и ние да имаме НАМУС, што би рекле моите пријатели од Канатларци, односно, да можеме и по 4 години, повторно да ја побараме вашата поддршка за чесното и наменско трошење на буџетски средства“,
рече Јовчевски.
Покрај Јовчевски, од ВМРО-ДПМНЕ досега се познати имињата и на кандидати за Охрид (Кирил Пецаков) и за Велес (Марко Колев).
Синоќа ВМРО-ДПМНЕ избра уште една група на кандидати и како што брифираа од партијата, стигнале до бројката од 45 одбрани кандидати. Меѓутоа, конкретни имиња не открија, а нивна официјална промоција се најавува кон средината на август.