Како што ќе каже Ковачевски за датум и ден, само нека се сретнат работните групи и нека разговараат. Тоа што они ќе го предложат, тоа ќе го разговараме, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ прифаќа работни групи за утврдување на датумот за одржување на изборите во 2024 година и тие треба што поскоро да се сретнат, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој беше во посета на Општина Гази Баба.
„Димитар Ковачевски води некоја чудна ‘мачо’ игра, која навистина не ја разбирам. Не сакаше лидерска средба, добро, сакаше работни групи, во ред, еве прифаќаме работни групи. Сега ја одогловекува целата оваа ситуација, не знам од кои причини. Првиот момент кога од другата страна ќе добиеме сигнал или од Талат Џафери ќе добиеме сигнал, ние сме подготвени да номинираме претставници коишто ќе бидат дел од овој процес“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека се спремни за предлозите од СДСМ за разговор околу изборите.
„Како што ќе каже Ковачевски за датум и ден, само нека се сретнат работните групи и нека разговараат. Тоа што они ќе го предложат, тоа ќе го разговараме. Еве им признавам дека победија, нема предвремени избори, редовни ќе бидат изборите“,
изјави тој порачувајќи дека за танго и љубов се потребни двајца.
Мицкоски посочи дека има проблем со Државната изборна комисија која, според него, не функционира согласно Законот, бидејќи во моментов работи со шест членови.
„Јасно е и дефинирана структурата на ДИК, четири члена се на власта, а три члена на опозицијата. Ние имаме два члена на опозицијата. И што прави власта? Опструира номинирање на член од опозицијата“,
додаде лидерот на најголемата опозициска партија.
Премиерот Димитар Ковачевски пред два дена изјави дека терминот на одржување на редовните претседателски избори, како и за редовните парламентарните избори треба да бидат предмет на дискусија меѓу сите партии, а не само меѓу две. Тој не сакаше да ја коментира претходно дадената изјава на Мицкоски дека вториот круг од претседателските и парламентарните избори треба да се одржат на ист ден, односно на 8 мај 2024 година.
„За датумот на изборите тоа веќе е предмет на дискусија помеѓу сите политички парти, не помеѓу две политички партии. Секогаш Изборниот законик во државата и одржувањето на изборите се прават согласно закон, согласно Устав, согласно мандати. Оваа година имаме карактеристични избори бидејќи имаме и претседателски и парламентарни избори“,
рече Ковачевски.