За датумот на изборите тоа веќе е предмет на дискусија помеѓу сите парти, не помеѓу две политички партии. Секогаш Изборниот законик во државата и одржувањето на изборите се прават согласно закон, согласно Устав, согласно мандати, вели Ковачевски
Терминот на одржување на редовните претседателски избори, како и за редовните парламентарните избори треба да бидат предмет на дискусија меѓу сите партии, смета премиерот Димитар Ковачевски кој денеска не сакаше да ја коментира вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека изборите треба да се одржат на 8 мај догодина.
„За датумот на изборите тоа веќе е предмет на дискусија помеѓу сите политички парти, не помеѓу две политички партии. Секогаш Изборниот законик во државата и одржувањето на изборите се прават согласно закон, согласно Устав, согласно мандати. Оваа година имаме карактеристични избори бидејќи имаме и претседателски и парламентарни избори“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешна посета на компанијата „Вивакс“.
Премиерот изрази задоволство од работната група која работеше на измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но забележа дека во неа не учествувала ВМРО-ДПМНЕ со свои претставници.
„Согласно тоа, во наредниот период да се носат одлуките. Значи, време има, политичка волја има, избори ќе има, тие ќе бидат редовни. Ние во моментот имаме претседателски избори кои треба да се случат до соодветен датум, а имаме и парламентарни избори кои имаат свои рокови кога треба да се одржат. Кога ќе бидат усогласени сите ставови, тогаш може да биде информирана и јавноста. До тогаш се е на ниво на желби, на ниво на шпекулации, а јас никогаш не комуницирам, ни на ниво на желби ни на ниво на шпекулација“,
рече Ковачевски.
Ковачевски, во одговорот, рече дека тој уште кога станал премиер најавил дека ќе има редовни избори, но оти опозицијата во неколку наврати тврдела дека тие ќе бидат предвремени.
„Јас кажав во експозето кога станав претседател на Владата на 16 јануари минатата година дека С Македонија ќе има редовни избори. После тоа експозе, опозицијата во неколку наврати велеше дека изборите ќе бидат предвремени, ќе биде минатата година во јуни, па минатата година во септември, па минатата година во декември, па потоа ова година во март, па ова година во септември па ова година во ноември. На крај да каже опозицијата дека ќе има редовни избори. Така да тоа прашање кога кажав уште тогаш дека е апсолвирано значи беше апсолвирано“,
рече Ковачевски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одржувањето на претседателските и парламентарните избори да биде во ист ден, а вчера лидерот на партијата го посочи 8 мај. Според него, единствената недела каде што можат да се поклопат вториот круг претседателски и парламентарните избори е 5 мај, а бидејќи тогаш е Велигден, предлогот е тие да бидат три дена подоцна.
Барањето на Мицкоски за лидерска средба на која би се разговарало за претстојните избори и за изборниот процес, премиерот Димитар Ковачевски неодамна го оцени како уште едно во низата барања за договарање на нешто што е регулирано со закон бидејќи, како што кажа, и парламентарните и претседателските избори ќе бидат во својот редовен термин, а нивното одржување е законски дефинирано.
Согласен со Ковачевски е и неговиот коалициски партнер Али Ахмети кој, минатата недела рече дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, неодамна рече дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и за парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Според него, ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на годината, зашто ако тоа се случи подоцна ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон.
Роковите за избори, според Џафери, се јасно прецизно пропишани со Устав и закон.