Левица вчера повика на голем протест во Охрид поради, како што велат оттаму, „отворањето клуб на бугарскиот Хитлер – ‘Цар Борис Трети’“. Партијата преку својот охридски огранок поднесе иницијатива за забрана на ова бугарско здружение кое го носи името на фашистичкиот соработник на Хитлер во Втората светска војна, цар Борис Трети
Во Охрид треба да се протестира, но тоа да биде демократски израз на волјата на граѓаните, а не насилен протест, зашто во спротивно повторно ќе печалат оние што ја доведоа Македонија во оваа ситуација, а тоа се СДСМ и ДУИ, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако Левица повика на протест поради отворањето на новиот бугарски клуб „Цар Борис Трети“, шпо е најавено за утре од страна на новооснованото здружение „Цар Борис Трети”.
„Го поддржуваме протестот и повикуваме да се излезе и да се протестира на мирен начин. Битно е да не се оттргне вниманието од кризата и инфлацијата“,
изјави Мицкоски.
Левица вчера повика на голем протест во Охрид поради, како што велат оттаму, „отворањето клуб на бугарскиот Хитлер – цар Борис Трети“. Партијата преку својот охридски огранок поднесе иницијатива за забрана на ова бугарско здружение кое го носи името на фашистичкиот соработник на Хитлер во Втората светска војна, цар Борис Трети.
„Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот цар Борис Трети, Левица-Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза!“,
соопштија од Левица.
Во однос на најавеното отворање на вториот бугарски клуб во земјава кој ќе го носи името „Цар Борис Трети“ министерот за правда Никола Тупанчески кажа оти неговиот ресор нема никакви ингеренции.
Во Владата завчера се одржа конститутивната седница на советодавното тело кое треба да дава мислење околу карактерот на историските личности кои треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација.
За претседавач на телото членовите едногласно го избраа Бобан Петровски од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, а за заменик-претседавач е избрана Билјана Мицковска од Министерството за економија.
Владата информираше дека советодавното тело има седум постојани членови кои се номинирани од самите институции, а двајца дополнително ќе се именуваат од граѓанските организации и други институции зависно од личноста за која ќе се дискутира.