Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи се на анализи на буџетот за првиот квартал од 2020 (јануари-март), го обвини СДСМ за организиран грабеж на буџетот со цел обид за поткуп и подобри резултати на парламентарни избори кои првично требаше да се одржат на 12 април.
„Македонската економија се тркала кон чист банкрот. Анализите покажуваат дека врз буџетот е направен смислен и добро организиран грабеж на народни пари. Не можам никако поинаку да го квалификувам зошто е трошено расипнички и недвосмислено. Извршен е смислен грабеж во првите 3 месеци за да се покријат изборите кои требаше да се случат на 12 април, така што се потрошени 43 проценти од буџетскиот дефицит кој бил планиран за цела година“,
рече Мицкоски, нагласувајќи дека тоа во конкретни бројки значи дека се потрошени 120 милиони евра повеќе од тоа што е собрано во буџетот.
Или со други зборови, рече тој, секое македонско семејство е задолжено со дополнителни 15 000 денари само од почетокот на годината. Лидерот на опозициската партија нагласи и дека од јануари до март биле реализирани околу 8 проценти од планираните капитални инвестиции.
Обвинувајќи дека е направен грабеж од СДСМ и Зоран Заев, како што рече, од лукративни мотиви, Мицкоски овие два параметри ги споредуваше со изминатите три години.
„За периодот од 1 јануари 2017 до 31 март 2017 потрошени се околу 19 проценти од тогаш планираниот буџетски дефицит и реализирани се 21 процент од планираните капитални инвестиции. За тој период, пак, во 2018 потрошени се околу 17% од планираниот дефицит и реализирани нешто помалку од 10 проценти од планираните капитални инвестиции. Во 2019, исто така изборна година, кога беа претседателските избори, во првите три месеци потрошени се нешто над 18 проценти од буџетскиот дефицит и реализирани околу 7 проценти од капиталните инвестиции“,
споредуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од обраќањето посветено на економијата, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со десетици домашни и странски експерти работи на сериозен економски план кој, како што рече, ќе ја врати Македонија на победничката патека.
*Поврзана вест: Мицкоски: Прво здравјето и економијата, па потоа избори