Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ реагирал пред претставникот на германската влада дека власта го злоупотребува европското знаменце за да направи историски криминал, но и дека на ваков начин се спречува опозицијата да може да дискутира за забелешките за предлог-измените

Обвинувања за криминал од страна на владата на СДСМ и ДУИ, но и за злоупотреба на европското знаменце за промена на петте закони за потребите на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10-д, изнел денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средба со специјалниот претставник на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

„Мицкоски нагласи дека државата се соочува со големи предизвици, како на внатрешен така и на надворешен план, истакнувајќи дека додека граѓаните тонат во се поголема сиромаштија, високите владини функционери се богатат на сметка на граѓаните бидејќи има висок степен на криминал и корупција од страна на владата на СДСМ и ДУИ. Воедно, Мицкоски го информира Сарацин и за злоупотребите во Собранието што ги прави власта во однос на користење на европското знаменце за законите кои се однесуваат за договорот со ’Бехтел и Енка‘ за историски криминал, додавајќи дека на тој начин не и се дозволува на опозицијата да може да дискутира по однос на забелешките на законите“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека на средбата зборувале и за евроинтеграциите на земјава нагласувајќи дека Мицкоски го афирмирал ставот оти граѓаните на Македонија заслужуваат час поскоро да бидат дел од ЕУ, но и дека процесот на преговори треба да се води според европски принципи, а не со уцени и закани од Бугарија.

На средбата со Сарацин заедно со Мицкоски биле и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата Антонијо Милошоски.
Употребата на европското знаменце за промена на пет закони за потребите од веќе потпишаниот договор со „Бехтел и Енка“ изминатиов период е во фокусот на јавноста. Најмногу внимание привлекува Законот за работни односи кои предвидува зголемување на работната недела за работниците ангажирани на проекти од национален и стратешки интерес, каков што е проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Покрај Законот за работни односи, со европско знаменце се предлагаат измени и на законите за експропријација, за урбанистичко планирање, за градење, како и на посебниот закон за коридорите 8 и 10-д.
Власта реши да ги промени користејќи го европското знаменце со што во Собранието ќе ја одбегне блокада на законите од опозицијата, како што беше случај претходно кога предлог-измените беа поднесени само по скратена постапка.
Меѓутоа, на употребата на европското знаменце, меѓу првите реагираа и од Делегацијата на Европската Унија во земјава посочувајќи дека предлог-измените не се во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ и стандардите на Унијата, случаи за кои треба да се користи овој инструмент во Собранието.