Осум од десет дипломци велат дека по завршувањето и одбраната на тезата ќе се иселат и ќе ја напуштат Македонија затоа што чувствуваат неправда од системот, се чувствуваат понижени, обесправени и опљачкани, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски. Фокусирајќи се на иселувањето, тој на партиска панел-дискусија посветена на младите порача дека токму тие ќе бидат главен фокус кога на власт ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние тоа навистина го мислиме со низа политики кои планираме да ги водиме. Мораме на младите да им обезбедиме иднина, а таа сама по себе ќе донесе надеж. Кога мислам на иднина, не мислам само на економска, затоа што младите тука се чувствуваат обесправени, понижени, ограбени. Тоа е исклучително важно и тоа за нас како ВМРО-ДПМНЕ ќе биде главен приоритет“,
порача Мицкоски.
Мицкоски упати порака до младите дека ВМРО-ДПМНЕ го брани и заштитува македонскиот народ, а за членовите на УМС испрати порака дека треба да се гордеат што се дел од структурите.
„Вашата амбиција во оваа структура, во оваа организација ќе биде реализирана. Не беше така лесно пред 5 и половина години кога новото раководство ја презеде партијата, состојбата во тоа време беше многу предизвикувачка и сите вие, кој повеќе, кој помалку, бевте дел од тој мозаик кој се градеше овие 5 и половина години, а првите знаци на успех дојдоа на локалните избори 2021 година, кога со помош и огромна улога на УМС, ВМРО-ДПМНЕ и народот направија историски резултат, за првпат во независна Македонија“,
рече Мицкоски.