Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат како што е за промена на Уставот, па дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па сега ние ќе зборуваме за нешто што е познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат во јавноста, а тоа е непроменлив, односно дека под овие околности промена на Уставот нема, дециден е Мицкоски
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е можно да прифати лидерска средба само доколку на неа се разговара за економската состојба и проблемите на граѓаните, но не и за промена на Уставот, изјави денеска лидерот на партијата Христијан Мицкоски во врска со лидерската средба што вчера ја најави премиерот, Димитар Ковачевски за 7 ноември.
Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Илинден, рече дека покана сè уште не добиле и оти не го знаат форматот на средбата, како и содржината и темите на кои би се разговарало.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати совет до Владата нагласувајќи дека доколку се одржи лидерска средба тогаш да се разговара за проблемите со кои се соочуваат граѓаните и за нивно решавање и додека „доколку власта мисли дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне да разговара за уставните измени тогаш очигледно е дека се лаже“.
„Мојот совет до владата и до Ковачевски е доколку се случи таа лидерска средба да разговараме за она кое што е навистина голем проблем за граѓаните, тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати, ниските пензии, високите сметки кои ги плаќаат, инфлацијата, енергетската криза која што со паѓањето на температурата веќе ќе ја почувствуваме сите, тоа се оние суштински проблеми за кои како одговорни политичари треба да разговараме. Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат како што е за промена на Уставот, па дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па сега ние ќе зборуваме за нешто што е познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат во јавноста, а тоа е непроменлив, односно дека под овие околности промена на Уставот нема“,
дециден е Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска се очекува да ги испрати поканите до лидерите на парламентарните партиите за средбата в понеделник во Собранието на РСМ.
Целта на средбата, како што соопштија од владината прес-служба, е да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.
Ова секако подразбира отворање на Уставот и носење на потребните уставни измени за вметнување на Бугарите и другите народи во Преамбулата.
Потребата за отворање на Уставот за вметнување на Бугарите и другите народи веќе ги отвори апетитите на албанските партии, кои почнаа да лицитираат со свои барања и условувања.