За посетата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави на својот фејсбук-профил, заедно со две фотографии
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Будимпешта се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој оваа информација ја објави самиот на својот фејсбук-профил.
„Заедно со потпретседателот Александар Николовски денес (9.3.2020 година) во Будимпешта остваривме средба со премиерот на Унгарија и претседател на сестринската владејачка партија Фидеш, Виктор Орбан. На средбата разговаравме за актуелната политичка состојба, европските перспективи на државата и начините за понатамошна соработка“,
напиша Мицкоски и објави во прилог две фотографии.
Мицкоски истакнува дека се работи за еднодневната посета на Унгарија, на чија агенда единствено е средбата со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
Во подолгиот пост тој кажува дека го информирал унгарскиот премиер за, како што вели, „загрижувачката економска и политичка состојба, како и високиот степен на криминализираност на општеството, која поминува неказнето и со отсуство на волја на македонската Влада да влезе во отворена битка против корупцијата“.
„Воедно, посочив дека нема друг таков пример каков што е случајот со Заев каде што премиерот се фали со остварено влијание и диктирањето одлуки на Врховниот суд и обвинителството и без притоа да има било каков правен епилог, ниту разрешница за ваквиот скандал“,
пишува Мицкоски.
Тој вели дека со Орбан исто така разговарале и за „инсистирањето и лобирањето Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија“, со оглед на тоа што актуелниот комесар за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји доаѓа токму од партијата на Орбан.
„Побарав од Орбан, како член на Европскиот совет, да се заложи во убедувањето на другите шефови на влади на земјите членки на Унијата да ѝ овозможат на Македонија датум за отпочнување на преговори. Истакнав дека сега лобираме за датум за преговори, а по датумот ветуваме силен капацитет на спроведување на реформи кои ќе ја остварат европската перспектива на државата. Ја пренесов и загриженоста поради сериозниот атак кој го прави власта врз слободата на медиуми и ја ограничува слободата на говор и спротивно мислење. Пресметката со неистомислениците говори за нискиот степен на демократски капацитет и стравот кај власта од претстојниот пораз на изборите“,
вели Мицкоски во постот за Фејсбук за средбата со унгарскиот премиер.