Апелирам сега, кога притисоците и заканите се методот со кој Бугарија врши пропаганда, одговорот на Македонците од Албанија да биде масовност на пописот, вели Мицкоски
Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат, е пораката што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја упати денеска од Велес.
„Од овде, од срцето на Македонија јавно повикувам и апелирам Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат. Апелирам дека сега е моментот да не потклекнуваат и одговорот на сите туѓи пропаганди да биде масовност. Следуваат промени во Македонија и како Македонци и Македонија како нивна држава од која тие влечат потекло, ќе им помогне во иднина, и ќе ни биде полесно повеќе да се вклучиме во поддршката за развој и негување на македонските особености и култура. Апелирам, сега кога притисоците и заканите се методот со кој Бугарија врши пропаганда, одговорот на Македонците од Албанија да биде масовност на пописот“,
рече Мицкоски говорејќи на конференцијата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ во Велес.
Според Мицкоски, Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и овие денови врши жесток притисок и терор врз членовите на македонското малцинство во Албанија барајќи да се впишат како етнички Бугари.
„Додека се случуваат сите проблеми, пропагандите на соседите никогаш не престанаа. Додека оваа власт не убедува во придобивките од добрососедскиот договор кои самите го склучија, Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и како тоа да не е доволно, овие денови тие вршат жесток притисок и терор при пописот во Албанија, македонското малцинство да се впишува како етнички Бугари. И сега познати ни се намерите на бугарската политика, но необјаснив е молкот на македонската власт“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека не очекува Али Ахмети да се прекрши за Македонците во Албанија, но според него премиерот Ковачевски треба да преземе мерки и да реагира на ваквиот, како што рече, отворен притисок за асимилација која гледаат како им се случува пред очи.
Пописот во Албанија, кој почна оваа недела и треба да заврши на 30 октомври, овие денови е во фокусот и на македонската јавност. Вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи упати порака до Македонците во Албанија на пописот слободно да ја изразат и да ја потврдат својата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност. Османи во пораката вели дека Македонците во Албанија не треба да ги загрижуваат различните пропаганди кои деновиве се актуелни, и кои не водат сметка за нивните чувства.
Пораката на Османи дојде откако во петокот претседателот на бугарската организација Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку објава на Фејсбук упати порака до жителите на Општина Пустец дека ако на пописот не се регистрираат како етнички Бугари, бугарските пасоши ќе им бидат повлечени во најкус рок.
На почетокот на неделава Фондацијата „Македонија“ преку својот официјален фејсбук-профил упати апел до жителите со бугарско државјанство во оваа земја на пописот да не го прескокнуваат прашањето за етничка припадност и да се пишат како етнички Бугари.
Прелиминарните резултати од пописната операција во Албанија се очекуваат во јуни следната година.