Ова е пораката што претседателот на бугарската организација Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку објава на Фејсбук ја упати до жителите на Општина Пустец, неколку дена откако почна пописот во Албанија
Ако на пописот не се регистрирате како етнички Бугари, бугарските пасоши ќе ви бидат повлечени во најкус рок.
Ова е пораката која претседателот на бугарската организација Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, преку објава на Фејсбук ја упати до жителите на Општина Пустец, неколку дена откако почна пописот во Албанија.
„До сите жители на Општина Пустец, Албанија: Ако сега на пописот не се регистрирате како етнички Бугари, бугарското државјанство ќе ви биде повлечено во најбрзо време, а доколку сте во постапка (на издавање на државјанството н.з.) – процедурите веднаш ќе ви бидат прекинати. Веќе имаме еден ваков случај. Размислете“,
стои во фејсбук-објавата на претседателот на бугарската Фондација „Македонија“.
На почетокот на неделава, пак, кога и официјално започна пописната операција во Албанија, Фондацијата „Македонија“ преку својот официјален фејсбук-профил упати апел до жителите со бугарско државјанство во оваа земја на пописот да не го прескокнуваат прашањето за етничка припадност и да се пишат како етнички Бугари.
„Апел од Фондацијата ‘Македонија’ до Бугарите во Албанија – регистрирајте се како етнички Бугари, со мајчин јазик – бугарски. Ги потсетуваме и оние што имаат бугарско државјанство дека имаат обврска кон Бугарија да се запишуваат како Бугари, како и оние што се Бугари по потекло и сакаат да добијат бугарско државјанство во иднина – пишувајте се етнички Бугари и во никој случај не прескокнувајте го прашањето за етничка припадност“,
објави Фондација „Македонија“ еден ден по стартот на пописот во Албанија.
Од организацијата додаваат дека нивни претставници ќе бидат во Албанија до завршување на пописот.
„Им посакуваме здравје на сите Бугари во Албанија и запомнете – Бугарија е секогаш со вас“,
пишуваат од Фондација „Македонија“ во објавата на Фејсбук.
Албанија го започна пописот на населението на 18 септември годинава, а според најавите, процесот на собирање на податоците од терен треба да заврши за шест недели, односно на 30 октомври. Прелиминарните резултати од пописната операција се очекуваат во јуни следната година.
Во пресрет пописот, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, беше во неколкудневна посета на Албанија при што, меѓу другото, го посети селото Големо Острени и се сретна со претставници на бугарското национално малцинство од регионот Голо Брдо. Месноста Голо Брдо и селото Големо Острени се лоцирани на крајниот источен дел од Албанија. Населени се претежно од македонско население.
Прашан за посетата на Јотова на Албанија во пресрет на пописот на населението, премиерот Димитар Ковачевски тогаш изјави дека земјава има добиено гаранции од албанските власти оти пописот ќе биде спроведен согласно светските и стандардите на Евростат исто, како што рече, како што беше спроведен и пописот во земјава.