Оние што останале во Пустец велат дека се заборавени од властите и во Албанија и во Македонија. Но, на регионот, се почесто мисли Бугарија. Има се повеќе жители на Пустец кои земаат бугарски пасоши, а бугарска невладина донирала противпожарно и амбулатно возило за општината
Жителка на селото Врбник, каде со бугарска донација е изграден пат до Билишта, вели дека од зорт и мака се прават Бугари, иако се Македонци
Македонските медиуми летово јавуваа дека Бугарија создава малцинство во Албанија на сметка на Македонците. Бугарските медиуми, пак, дека Бугарите во Албанија бараат помош од Софија. Иако медиумскиот интерес стивна со одлуката на Тирана да го одложи пописот закажан за октомври, „360 степени“ беше на терен за изворно да ја регистрира атмосферата.
„Ние сме Македонци, не сме Бугари, ама од зорт и мака ќе се правиме Бугари, ама ние сме Егејци Македонци“,
вели Левена Пашоли, жителка на с. Врбник.
Македонците велат дека вадат бугарски пасоши за егзистенција. Граѓани кои се изјаснуваат како етнички Бугари тврдат поинаку.
„Тој не може да разберат дека Македонците се Бугари. Тоа се стари хора кои вие ги прашавте, возрасни хора, а Врбник е чисто Бугарско“,
изјави Димитар Пандовски, претседател на друштвото за Бугарско-Албанско пријателство.
По 19 поминати километри од македонско-албанската граница кај Стење, се пристигнува во селото Пустец. Патот што води до селото говори и за животот во местото – крпен и сиромашен. Најчестите занимања на жителите се земјоделство и рибарство. Подобро платена работа тешко се наоѓа. Млади лица речиси и да нема. Тие среќата ја бараат во поголемите градови и во други земји. Оние што останале во Пустец велат дека се заборавени од властите и во Албанија и во Македонија. Но, на регионот, се почесто мисли Бугарија. Има се повеќе жители на Пустец кои земаат бугарски пасоши, иако се декларираат како Македонци.
„Некои го земаат, нормално, за работа, Бугарија е европска држава и има подобри услови за вработување во странство. Мислам дека економските причини се главни зошто се вади бугарски пасош“,
вели градоначалникот на Пустец, Пали Колефски.
Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, вели дека досега немаат добиено помош од Северна Македонија. Но, затоа неодамна добиле донација од бугарска невладина организација.
„Имаат донирано возила за противпожарна интервенција, амбулантно возило, но и други работи. Притисок да биде дека ова е донирано за да бидеме Бугари, немало. Досега нема таква работа“,
изјави Колефски.
Од општинските канцеларии тргнавме кон центарот на селото. Фасадите на куќите покажуваат дека Пустец е место на „гастарбајтери“.
Бугарските регистарски таблички може секој да ги види, додека за бугарските пасоши само се зборува, иако не и пред камера. Нашите соговорници беа отворени, само кога мислеа дека камерата е исклучена.
„Луѓето бегаат, си бараат добра егзистенција и бараат начини. Некои со виза, некои со тоа, ова селце нема никаква инвестиција тука. Апсолутно нема инвестиција, ништо“,
„Сите заминаа со пасоши од Бугарија што ги земаа“,
„Си одат по државите за да може да си живеат, тука не можат да живеат. Тука се мачи, а вака ќе земе бугарски пасош и ќе бара низ другите држави“,
велат граѓаните.
Од Пустец се упативме на југ кон Врбник. Селото е во близина на албанско-грчката граница.
Тука, за разлика од Мала Преспа, наидовме на свежо асфалтиран пат што селото го спојува со градот Билишта. Седумкилометарската делница е донација од Република Бугарија, а мештаните од бугарскиот амбасадор добиле ветување дека ќе се изгради и канализација за селото.
„Патот се направи од страна на Бугарите. Им благодариме и ним што ни го направија патот и, ве молиме, и вие Македонците да ни помогнете за селото“,
вели Пашоли.
Сите селани што ги сретнавме во Врбник се декларираат како етнички Македонци. Но, многу млади одат да студираат во Бугарија користејќи бугарски документи. Сепак, жителите велат дека досега немале притисок да се изјаснат како нешто друго од тоа што се чувствуваат.
„Ние сме Македонци, не сме Бугари ама од среќа и зорт и мака ќе се правиме Бугари ама ние сме Егејци Македонци. Ако Егејците Македонци се Бугари тогаш и ние спаѓаме во тоа. Но, не – ние сме Македонци“,
изјави Пашоли.
Во Врбник љубезно не примија и љубезно не испратија. Следната станица ни беше Корча – најголемиот град во овој дел од Албанија. Таму не пречекаа Јован Фило и Васил Стерјовски. Фило, кој по потекло е токму од Врбник, вели дека сите негови соселани досега се самоопределувале како Македонци.
„Во Врбник живее чисто македонско население, никогаш немаме слушнато дека некој има потекло до Бугарија или дека е Бугарин. Нашите татковци и дедовци не учеа на македонски јазик. Сите наши традиции, песни, ора, традиции се македонски“,
изјави Фило.
Васил Стерјовски, пак, е поранешен пратеник во албанскиот парламент и актуелен претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција. Тој предупредува дека Бугарија во последните години засилено се обидува да го асимилира македонското малцинство, користејќи ја својата позиција на членка на Европската Унија. Обвинува дека одредени претставници нудат бугарски пасоши за да го придобијат сиромашното македонско население.
„Главна цел на Бугарија е мапирање на териториите каде живеат Македонци да извадат Бугари. Тие не одбираат мерки како да дојдат до таа цел. Досега најдобра понуда е бугарскиот пасош за кој наши луѓе плаќаат за да го земат за да работат во ЕУ, но освен тоа Бугарија дели и бесплатни стипендии за факултет последните години, за студирање бесплатно во Бугарија“,
изјави Стрерјовски.
Во Корча се сретнавме со уште еден човек по потекло од Врбник, Димитар Пандовски. Тој има сосема различен поглед на работите од Фило и Стерјовски. За себе и за селаните од Врбник, кои добија нов пат од Бугарија, Пандовски вели дека се Бугари.
„Ние имаме чуено и знаеме за Бугарија и нас каде што пораснавме во Врбник и Билишта во гимназијата сите не сметаа како Бугари и кажуваа „кок Булгар“. Не се слушаше никаква терминологија Македонија и така пораснавме и така се знаеме“,
вели Пандовски.
Пандовски е претседател на Друштвото за албанско-бугарско пријателство. Во неговата канцеларија, вели, доаѓаат луѓе да учат за своите бугарски корени и историски вистини. Ни покажа документи и писанија што ги собирал долги години, за кои вели дека докажуваат дека во минатото граѓаните можеле лесно да се декларираат како Бугари. Така не било од почетокот на владеењето на Енвер Хоџа, па се до 2017 година кога бугарското малцинство е формално признаено од Тирана.
„На крајот, тоа е един народ, со исти обичаји, исти јазик, исти песни и исти хора и нема зошто да се пцујат. А тоа е един народ и тоа е бугарски народ или македонски Бугари. За мене Бугари се колку што знам и читам. Јас не сум историчар“,
изјави Пандовски.
Тој не се согласува со тезата дека врз македонското население се прави притисок да се декларираат како Бугари. Напротив, вели дека македонските здруженија го негираат постоењето на бугарското малцинство.
Колку Македонци, а колку Бугари има во Албанија, треба да покаже претстојниот попис. Тој беше закажан за октомври годинава, но се одложи на неодредено време од технички причини. На последниот попис, како Македонци се декларираа 5 512 граѓани на Албанија, а немаше посебна графа за Бугари. Како „други“ се изјасниле само 2 644 граѓани на Албанија.