„Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика – ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме“, вели премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски апелира до трговците максимално да ги намалат маржите на производите, но рече дека Владата нема да интервенира во цените.
Овој став премиерот го изнесе одговарајќи на новинарско прашање дали пазарната инспекција реагира на терен по реакциите на граѓаните дека во маркетите забележале зголемени цени на производите.
„Ние сме пазарна економија, пазарот ги диктира цените. Ако влеземе во една политика на ограничување, тогаш видовте какви резултати ни даде таа политика – ни даде спротивни ефекти од тие што ги очекувавме“,
рече Мицкоски при неговата посета на Македонска Каменица.
Тој рече дека Владата освен со апел нема да преземе други мерки во врска со цените.
„Политиката на оваа Влада е да поддржува инвестиции и затоа не е политиката на оваа Влада да одржува зголемена и вештачки набилдана јавна потрошувачка, затоа што парите на тој начин губат вредност и иста количина на пари по еден месец ја губи својата вредност и деноминира, би рекол, за десетина проценти“,
изјави Мицкоски.
Според премиерот, во последните два месеца нивото на инфлација е смирено и е на ниво на три проценти.
„Сепак, треба да биде уште пониско. Јас би сакал да имаме дефлација, наместо да имаме инфлација, но за жал од она високо ниво двоцифрени бројки 15, 16, 17 отсто, овие два месеци успеавме да го стабилизираме слободниот пад на државата и на институциите и тоа што можам да го кажам и од оние информации, кои јас ги имам е дека моменталното ниво на инфлација е тука“,
рече Мицкоски.
Тој рече дека она што го прваеле како Влада во изминатите два месеци е сопирање на слободниот пад, стабилизирање на системот и институциите.
„Мислам дека тој процес ќе потрае до почетокот на есента, а до крајот на годината бидејќи сѐ уште работиме на буџет чиј костур го креираше претходната влада, очекувам да дојдеме до состојба кота нула, а веќе со следниот буџет за следната година да почне развојот и напредокот“,
изјави Мицкоски.
Претходната влада ги замрзнуваше цените на основните прехранбени производи и на дел од пијалаците како мерка да ја скроти инфлацијата. „Гарантираните цени“ на производите траеја до крајот на февруари годинава.