Лидерот на ДУИ Али Ахмети го информирал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Хриситјан Мицкоски дека предност во преговорите за парламентарно мнозинство и формирање на нова Влада ќе му даде на СДСМ.
Ова го кажа Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање во врска со преговорите за новата Влада. Ставот на Ахмети да даде приоритет на Зоран Заев во преговорите се темели на тоа дека СДСМ освоила повеќе гласови на изборите во споредба со ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече дека не се согласил со ставот на Ахмети оти СДСМ победила во македонскиот блок, истакнувајќи дека партијата што убедливо победила кај Македонците е ВМРО-ДПМНЕ.
Тој потенцира дека принципите за коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ се јасни.
„ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да преговара од позиција на диктати и условувања. ВМРО-ДПМНЕ коалиција ќе направи врз основа на програма“,
додаде Мицкоски.
Во однос на можноста за нови парламентарни избори наесен, тој рече дека сè уште постојат можности за формирање Влада, но доколку тие се исцрпат тогаш, како што вели, може да се разговара за нови избори.
Прашан во однос на пресметката со бројот на пратениците и зошто смета дека неговата партија е победник на изборите, Мицкоски рече дека тоа е затоа што, според него, „ВМРО-ДПМНЕ има 40 пратеници, а СДСМ има 32“.
„ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија во рамките на парламентот по неговата верификација на мандатите на пратеници има 40 на број, а СДСМ има 32. Коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ има 44, а коалицијата која ја предводи СДСМ има 42. Доколку ги гледаме бројките што ги споредува СДСМ заедно со нивниот коалициски партнер БЕСА е 46. Тоа е исто како сега ние на нашите 44 да додадеме определена друга бројка на определени други пратеници од друга политичка партија и да речеме заедно со овие имаме повеќе од СДСМ. Партијата која е легитимна и кредибилен претставник на македонскиот народ, на Македонците во рамки на Собранието е ВМРО-ДПМНЕ со најголем број пратеници и тоа се 40“,
заклучи Мицкоски.