Мицкоски вели дека во актуелната Влада, ДУИ е поголем фактор од СДСМ и Ковачевски го кажува она што Али Ахмети сака да го слушне
За спорот со Бугарија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека и покрај сите отстапки кои ги направила оваа влада на штета на интересите на македонскиот народ, повторно со политичкиот аналфабетизам успеале да ја доведат Македонија во една ваква состојба да трпи лавина критики и навреди од бугарски политичари
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги повтори барањата за предвремени парламентарни избори за да дојде Влада што ќе ја избере народот и ќе работи за неговите интереси.

Мицкоски вели дека Ахмети е стопан во Владата, а Ковачевски негов послушник кој не е избран од народот и затоа останува послушник на претходникот што го поставил на таа позиција, како и на Ахмети кој му овозможува ден повеќе да остане во фотелјата и да ги ужива привилегиите кои ги црпи од граѓаните и државата.
“Таму отприлика така функционираат работите – се знае кој е стопанот, а кој е послушникот. Во овој случај Али е стопанот, а послушникот е Димитар Ковачевски. И тоа што ќе му каже Али, тоа ќе го изјави Димитар Ковачевски. Човекот во политиката е поставен, не е избран, и луѓе што се поставени можат да ја имаат таа политичка матрица, да слушаат претходно тој што го поставил, а сега тој што му овозможува ден повеќе да остане во фотелјата”,
вели Мицкоски.
Мицкоски порача дека се потребни предвремени парламентарни избори час поскоро за да дојде нова Влада, а политичкото функционирање на Ковачевски го оцени како многу лошо.
За спорот со Бугарија, пак, вели дека и покрај сите отстапки што ги направила оваа влада на штета на интересите на македонскиот народ, со политичкиот аналфабетизам успеале да ја доведат Македонија во состојба да трпи лавина критики и навреди од бугарски политичари.
“И покрај свитканата кичма и покрај сѐ што попушти оваа влада, сѐ што прифати, нормално наспроти интересите на народот, поради својот политички аналфабетизам успеаја да ја доведат во една ваква ситуација Македонија и граѓаните. И денеска ние да трпиме лавина критики, лавина навреди што доаѓаат од политичарите кај нашиот источен сосед. Некако како да сака некој намерно Македонија да ја втурне во едно сценарио каде што ќе се политизира европската интеграција на нашата држава, каде што ќе се политизира овој процес на отпочнување преговори со Европската Унија, па од политички маргиналци се создаваат политички херои”,
рече Мицкоски.
Тој ги повика властите во Македонија да престанат со ваквиот тип на аматеризам и рече дека за сѐ што е во заштита на македонските национални интереси ВМРО-ДПМНЕ е тука да подржи, а на политичарите во Бугарија им порача да се позанимаваат со стандардот на нивната држава која се иселува наместо да прават кампања за тоа кој повеќе ја мрази и плука Македонија.
,,Мојата порака до бугарските политичари е да се посветат на подобрување на стандардот во нивната Бугарија, наспроти тоа да градат кампања на тоа кој повеќе ја мрази и кој повеќе плука по Македонија и по Македонците, затоа што изминативе 30 години, за 30 проценти е намален бројот на жители во Бугарија и тоа неслучајно тие бегаат надвор од Бугарија и покрај што се земја членка на Европската Унија, затоа што немаат доверба во политичарите таму, гледаат дека наместо да работат за интересите на бугарските граѓани, работат за личните интереси и се богатат, нешто слично што се случува и овде”,
вели Мицкоски.