Еве шанса секоја партија барем на оваа тема да покаже дека стои на зборот и да го поддржи овој закон, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ
Со предлог-измените на Законот за политички партии со кои се забранува тие да користат имиња или обележја поврзани со фашизам еднаш за секогаш ќе се стави крај на намерните провокации, порача денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, барајќи сите пратеници да дадат поддршка за законот.
Социјалдемократите ги поднесоа предлог-измените вчера и тие се на иста линија како и тие што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ, но за Законот за здруженија и фондации.
Митрески смета дека политичките партии се исто така здруженија, но на повисоко ниво, па оттука ја виделе потребата да ги предложат измените и во Законот за политички партии.
„Овој закон и Законот за здруженија и фондации еднаш засекогаш ќе стават крај на намерните и опасни провокации од лица или групи кои имаат за цел да предизвикаат тензии и поделби во нашето општество. Затоа ги повикуваме сите пратеници од сите пратенички групи да дадат поддршка за овој закон. Бидејќи и политичките партии се здруженија кои по својата цел се на едно повисоко ниво бидејќи излегуваат и ја бараат довербата на граѓаните, еве шанса секоја партија барем на оваа тема да покаже дека стои на зборот и да го поддржи овој закон. Заедно, преку системски решенија да се спротивставиме на појавите кои промовираат и величаат фашизам и национал-социјализам“,
побара Митрески на прес-конференција во Собранието.
Предложените измени на Законот за политички партии предвидуваат политичките партии во своите програми, имиња, статути и обележја, да не може да користат или да бидат насочени кон разгорување на национална, расна или верска омраза, етничка нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, ширење или промоција на фашизам, нацизам, национал-социјализам или третиот рајх. Како и да не може да се повикуваат на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам или третиот рајх.
Митрески тврди и дека со барањето поддршка за овие измени, СДСМ не ја условува поддршката за измените што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ за Законот за фондации и здруженија.
„Уште еднаш да повторам, ние даваме поддршка на Законот за здруженија и фондации буквално онаков како што е напишан, без додавка или измена. Истовремено сметаме дека Законот за политички партии, бидејќи тие се некој вид здруженија на повисоко ниво, е уште поважен во овој момент кога се случуваат вакви работи во нашата држава – предизвикани провокации кои будат негативни чувства кај граѓаните“,
рече координаторот на СДСМ.
На вчерашната пленарна седница, пратеници и од власта и од опозицијата, едногласно со 84 гласа „за“ ја изгласаа потребата по скратена постапка да се донесат измените во Законот за здруженија и фондации. Едногласно, но со 76 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ се изгласа и потребата по скратена постапка да се донесат измените во Законот за политички партии.