Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси изјави дека некои членови на мисијата на МААЕ, која тој сега ја предводи, ќе останат во седиштето до недела или понеделник за да продолжи да ја проценува ситуацијата во централата, чиј терен беше гранатиран неколку пати
По увидот во најголемата нуклеарна електрана во Европа, во Запорожје, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси изјави дека некои членови на мисијата на МААЕ, која тој сега ја предводи, ќе останат во седиштето до недела или понеделник.
„МААЕ сега е тука на оваа локација и нема да се помести од тука, ние ќе останеме овде. Постои група која ќе биде таму до недела или понеделник за да продолжи да ја проценува ситуацијата во централата, чиј терен беше гранатиран неколку пати, што ги зголеми стравувањата од нуклеарна катастрофа“,
рече Гроси, додавајќи дека неговите експерти ќе дадат непристрасна, неутрална, технички здрава проценка на она што се случило на теренот.
По пристигнувањето во нуклеарната централа Запорожје која од март е под руска контрола, генералниот директор на МААЕ изјави оти ги видел главните работи што требало да ги види.
„Успеавме за овие неколку часа да собереме многу информации. Ги видов главните работи што требаше да ги видам“,
изјави Гроси.
Претходно денеска, овој реактор – еден од двата што работат во нуклеарната централа Запорожје – беше исклучен од мрежата. Причината беше руското гранатирање, соопшти Енергоатом, додека Москва тврди дека нуклеарката била гранатирана од украинските вооружени сили.
Русија побара Советот за безбедност на ОН да се состане на 6 септември на седница за да разговара за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје, информираше рускиот заменик постојан претставник во Светската организација Дмитриј Полјански.
Најголемата европска нуклеарна централа беше редовно гранатирана во последните недели. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за овие напади.