Лично според министерот за одбрана, секој млад човек треба да помине еден дел од својот живот на овој начин, но, како што вели, треба да се гледаат и реалните состојби, безбедносните предизвици и да се направи посебна анализа од страна на Генералштабот, па потоа да се размислува за вакво прашање
Одлична за размислување, но идејата за враќање на задолжителниот воен рок во моментов не ја разгледуваме како Влада, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски прашан дали по примерот на земјите од соседството се размислува за враќање на задолжителниот воен рок во земјава.
Лично според Мисајловски, секој млад човек треба да помине еден дел од својот живот на овој начин, но, како што вели, треба да се гледаат и реалните состојби, безбедносните предизвици и да се направи посебна анализа од страна на Генералштабот, па потоа да се размислува за вакво прашање.
„Пред да влеземе во ваква идеја треба да ги видиме сите можности и предизвици со коишто би се соочиле и потоа да дискутираме за ваква работа. Но, лично мене ако ме прашувате, се разбира дека е убаво и за младиот дух и за секој еден човек бидејќи навистина на тој начин се идентификувате и како постабилна личност. Навистина е тоа одлично за размислување, но во овој момент тоа не го разгледуваме како Влада“,
изјави Мисајловски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски, со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, американската амбасадорка Анџела Агелер и генералите во Армијата, присуствуваа на методско-показна вежба на армискиот полигон „Криволак“.
Пред неполн месец, српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека како врховен командант и претседател, ја потпишал согласноста за извршување редовен воен рок од два и пол месеци (75 дена).