Не мислам дека би имало ново вето поради ова – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ по реакциите од Атина и од Брисел за изоставањето на уставното име од претседателката Гордана Силјановска-Давкова при давањето свечена изјава во Собранието
Немаме дилема како партија и како општество дека имаме еден пат – кон ЕУ и НАТО, но нема да го промениме тоа што го зборуваваме и претходно во врска со употребата на Република Македонија и терминот „северна“, вели потпретседтаелот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Според него, новата претседателка на државата Гордана Силјановска-Давкова не го прекршила Уставот со неупотребата на уставното име на државата при положувањето заклетва во Собранието. Мисајловски додава дека пратениците, министрите од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците и новата претседателка Силјановска-Давкова ќе го користат терминот „северна“ само тогаш кога законот налага.

„Во комуникацијата можете да си употребувате Македонија, јас не гледам пречки, мислам дека тоа е исправно, но од другата страна, кога грчките политичари кажуваат Македонија и нема реакција од македонкото МНР, тука има двојни аршини. Ако зборуваме за почитување на Договорот од Преспа, една минорна работа ќе спомнам, една од обврските на Грција е да ги смени таблите, а сте виделе дека останале Евзони и Скопје. Половина милион граѓани го очекуваа и дадоа поддршка за ова. Ние не сме се промениле, постојано велевме дека овој договор е штетен и истото го зборувавме за францускиот предлог, кога многу мислеа дека веднаш ВМРО-ДПМНЕ во првите сто дена ќе го смени Уставот. Не е точно, апсолутно не е така, останавме доследни на она што го зборувавме во кампањата“,
рече Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повторува дека тие од формално-правен аспект ќе го почитуваат уставното име само каде што мора, но никој, како што вели, не може да им ја забрани употребата на терминот Република Македонија.
Мисајловски: Јас сум пратеник четири години и тоа го користам постојано, исто така и Силјановска-Давкова беше пратеник во минатиот состав и мислам дека ние бевме де факто државни функционери и еве, министрите во техничката влада, но мене ми е подраго што по завршување на таа изјава во Собранието, целиот дипломатски кор беше присутен и дадоа огромна поддршка од ЕУ и сите дипломатски претставници и ние ќе ги негуваме односите и ќе работиме за подобра, за горда Македонија, но ќе го правиме она што го правевме и претходно.
360°: Што ако тоа значи ново вето од Грција и каде е тука вашата одговорност за иднината на државата?
Мисајловски: Не мислам дека би имало ново вето поради ова. Баш намерно спомнувам дека и грчките политичари го употребуваат терминот Македонија. Многу пати кога имаат јавни настани, ако ги забележите, постојано велат Македонија и одговорот треба од нив да стигне. Но, никој во нашата земја не може да ни забрани името Македонија да го користиме. Јас во Собрание ова постојано го користам, претседател сум на Комисијата за транспорт, секој ден работам согласно закон.

Прашан како ќе се постави идната влада кон ова прашање, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе продолжат како и досега. На прашањето дали на оваа тема може да се скршат преговорите со „Вреди“, Мисајловски вели – апсолутно не.
„Она што е правно преземено и она што е согласно закон, мора да го почитуваме. Впрочем, кога се поднесуваа листите на сите пратеници од сите политички партии, не само од ВМРО-ДПМНЕ, вие мора правната рамка да ја запазите согласно придавката и тоа сите го правиме. Но, во нашата комуникација ќе продолжиме тоа да го правиме. Главната особина меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ‘Вреди’, односно новата коалиција, треба да бидат темелните принципи и вредности како да направиме подобро утре за секој граѓанин. Како да стигенеме побрзо до ЕУ, но без ултиматуми и да се почитува волјата на македонскиот народ“,
вели Мисајловски.