„Средби во минатото сме имале за многу теми, но не конкретно за ‘Бехтел и Енка’, и со многу претставници од ДУИ и од другите партии, како и со други министри, но таква средба за ‘Бехтел и Енка’ немало“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Мисајловски, во гостување во емисијата „10 Мунити“ на ТВ 21
Првиот вицепремиер во своето вчерашно обраќање во Стопанската комора на Северна Македонија рече дека во неколку наврати имал средби со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и со двајцата потпретседатели на партијата, Александар Николоски и Владо Мисајловски, во врска со специјалниот закон за стратешки партнер за изградба на коридорите
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Владо Мисајловски, во своето вечерашно гостување во емисијата „10 Мунити“ на ТВ 21 ги демантираше тврдењата на првиот вицепремиер Артан Груби дека имале средба во врска со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој ќе ги гради автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д.
„Не сме имале таква средба, ние сме децидно против вакви закони. Средби во минатото сме имале за многу теми, но не конкретно за ‘Бехтел и Енка’, и со многу претставници од ДУИ и од другите партии, како и со други министри, но таква средба за ‘Бехтел и Енка’ немало“,
рече Мисајловски.
Првиот вицепремиер во своето вчерашно обраќање во Стопанската комора на Северна Македонија рече дека во неколку наврати имал средби со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и со двајцата потпретседатели на партијата, Александар Николоски и Владо Мисајловски, во врска со специјалниот закон за стратешки партнер за изградба на коридорите.
„За да имаме целосна, сеопфатна приказна, јас се сретнав во неколку наврати со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а тој се сретна и со претставниците на ‘Бехтел и Енка’. Јас, исто така, се сретнав со Владо Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и врски и со Александар Николоски, во врска со специјалниот закон и другите законски измени. Сите се согласија дека се потребни и дека имаат нивни предлози за подобрување на законските решенија, но никогаш не ни ги доставија. Господинот Мицкоски даде недвосмислена поддршка за специјалниот закон со самиот факт што овозможи кворум на седницата и не гласаше против законот (односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за специјалниот закон). Исто така, откако се формира комитетот, јас повторно се сретнав со него и му понудив да бидат дел од проектот и да бидат дел од преговорите, дел од управувачкиот комитет, како што е и одлуката на Владата“,
рече Груби.
Инаку, Мисајловски во вечерашното гостување го повтори ставот на партијата дека не се против изградба на автопати, туку е против тоа да се прави со „вакви нетранспарентни договори“, алудирајќи на тајноста на договорот што Владата го потпиша со „Бехтел и Енка“.
„Ние не сме против изградба на автопати и ова јавно сакам да го кажам, секогаш ќе го кажувам. Секој еден автопат во Македонија е одлична работа и сите овие проекти беа во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, но не на ваков начин со ваков договор. Прво и најважно е што македонската јавност го нема видено договорот за овие автопатишта“,
рече Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на пакетот измени на осум закони предложени во Собранието поврзани со изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, со кои, како што рече, се загрозува уставниот поредок на државата.
„Тие уште тогаш размислуваа за предлози на закони, кога го доставуваа овој фамозен закон за овие автопати наведен како стратешки договор и во тој период сакаа да има различни закони, но не знаеја што прават. Во тој момент тие ако знаеле дека треба да се сменат законите, тогаш ќе ги доставеа во таа процедура. Зашто ова го велам? Бидејќи сега кога се доставуваат овие закони, се прави огромна штета, бидејќи веќе е потпишан договор и некој преземал обврски во тој период за нешто што не го сменил и тоа е многу симптоматично… Со овие осум закони што беа пуштени во Собранието, од кои два се во мојата Комисија (за транспорт и врски) со која јас претседавам, се загрозува уставниот поредок на Република Македонија“,
рече тој.
Потпретседателот на најголемата опозициска партија рече дека договорот не смее да биде таен и дека во него нема клаузула за било каква тајност.
„Овој договор не смее да биде таен. Овде нема клаузула било каква за тајност. Ова мора да биде јавен договор бидејќи се јавни пари. Еве прашувам дали во тој договор стои клаузула за доверливост? Нема таква клаузула и за ваков тип на договори не смее да има“,
вели Мисајловски.
Инаку, минатата недела деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
Еден ден потоа, од Владата најавија дека нејзини претставници и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба на овие два коридори, во соодветна собраниска процедура.
Премиерот денеска изјави дека испратил писмо до претседателот на Собранието со кое го информирал дека тимот на Владата е подготвен на комисија или на тело кое ќе го определи Собранието, веднаш да отиде и да го презентира договорот со „Бехтел и Енка“ со сите детали, пред сите пратеници кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.
Веднаш штом добијат одговор од Собранието, рече Ковачевски, владини претставници се подготвени веднаш да отидат во Законодавниот дом.