Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, бара од неговиот хомолог во СДСМ, Оливер Спасовски, да каже кој ќе биде идниот премиер штом е толку уверен дека социјалдемократите ќе ја формираат идната влада. Спасовски денеска изјави дека владата ќе биде формирана многу бргу по конституирањето на парламентот и дека надежите на Мицкоски за нови избори наесен се залудни.
„Што се однесува до формирањето нова влада и неговото тврдење дека залудно се чекале нови избори, добро е, доколку еве толку е уверен дека СДСМ ќе ја формира владата, да видиме кој е составот на таа влада, чие ќе биде премиерското место и чуму толку нервоза доколку работите им одат ‘подмачкано’. Или да не биде работата кажана низ призмата на еден од нивните потпретседатели ‘гладна кокошка просо сонува”. Тоа допрва ќе видиме“,
вели Мисајловски.
Во однос на констатацијата на Спасовски со која ја оцени како небулозна тезата на Мицкоски дека СДСМ купува пратеници за да дојде до мнозинство, Мисајловски укажува дека обиди за такво нешто и натаму има.
„Тоа што работата не им е завршена, не значи дека „понуди” до пратеници нема. А впрочем купувањето пратеници некако стана заштитен знак на СДСМ за што говори и минатото искуство. Од власт која организираше поткуп и фалсификат избори какви што поминавме, не може да се очекува чесност и принципи“,
вели Мисајловски.