Иако Комисијата за заразни болести вчера не донесе рестриктивни мерки за борба против ковид-19, Министерството за здравство денеска објави препораки за заштита од вирусот.
Од Здравство велат дека во Северна Македонија се бележи зголемување на трансмисија на коронавирусот, но тоа е општ тренд што не може да се очекува да нѐ одбегне.
Оттаму даваат препораки за заштита кои особено се однесуваат на постарите лица, луѓето со хронични болести и тие кои имаат намален имунитет.
„Во овој период препорачливо е при престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории (наведни погоре) маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3. Просториите во кои се престојува подолго(канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се провертуваат и да се дезинфицираат. Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра. Редовна хигиена и дезинфекција на раце, особено ако кивате и кашлате, а устата ја покривате со дланката наместо со внатрешноста од лактот, како што е препорачано. Доколку почувствувате некои од стандардните симптоми (сува кашлица, температура, болки во грло, болки во мускулите и слично) веднаш побарајте помош од вашиот матичен лекар и задолжително носете маска.“,
велат од Министерството за здравство.
Во Здравствените домови ширум државата е зголемен бројот на термини за тестирање на пациенти, а само во Здравствен Дом Скопје тестирање се врши во пет пункта.
Од Министерството велат дека сѐ уште најефикасна заштита од ковид-19 е вакцинацијата.
„Исто така, сѐ уште најефикасна заштита од развој на потешки форми на ковид и хоспитализација останува вакцинацијата против ковид. Така што, за целосно заштитени се сметаат тиeкои имаат примени две дози вакцини и дополнителна, т.е. бустер доза. Сите оние кои не се вакцинирале или не го завршиле целиот вакцинален циклус, се препорачува истото веднаш да го направат, а кај оние кои поминале четири месеци од бустер дозата им се препорачува и второ бустирање. Потсетуваме дека на сила е се уште обврската за носење маски во јавен превоз, здравствени установи, аптеки и домови за стари лица.“,
се вели во соопштението од МЗ.