Во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, која е регионален центар за масовна вакцинација, во моментов има ангажирано доволен број лица за непречено да се одвива имунизацијата, велат од Министерството за здравство откако од Црвениот крст објавија дека нивни волонтери прво биле повикани да помогнат, а утрово биле избркани од координаторот.
„Секој поединец или институција е повеќе од добредојден за помош и поддршка во процесот на имунизација, не само во регионот на Охрид туку насекаде во државата. Сите што се дел од процесот на имунизација, дали тоа е во спортските сали и во здравствените установи, се соодветно обучени и поминале процес на симулација на вакцинација. Во овие обуки учествуваше и медицински и немедицински кадар и изминатиов период поминаа обуки за непречено спроведување на процесот и текот на вакцинацијата. Конкретно за пунктот за масовна вакцинација во Охрид, во моментов има ангажирано доволно лица за непречено да се одвива процесот, доколку се утврди дополнителна потреба секако дека повеќе лица дополнително ќе се вклучат во овој процес. Но по соодветен план, меѓусебен договор и динамика, како и по претходно помината обука од соодветните лица во системот ‘Мој трмин’ и Министерството за здравство“,
ни одговорија од Министерството за здравство.
Претходно, од Црвениот крст рекоа дека биле повикани од директорката на Здравствениот дом Охрид да се вклучат и да помогнат, но кога утрово отишле во салата биле избркани од координаторот Сашо Денесовски.