Министерот за здравство на Нов Зеланд, Дејвид Кларк, бил фотографиран како вози велосипед и покрај апелите да се седи дома за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Кларс ѝ се извинил на премиерката Џасинда Ардерн, со образложение дека тоа била единствената шанса во текот на денот кога може да вежба. Сепак, порачал дека е свесен дека ги прекршил препораките на сопственото министерство и дека се извинува поради тоа.
„Свесен сум за својата грешка и јасно ми е дека сега не е време за занимавање со различни активности“,
изјавил Кларк, кого го фотографирал случаен минувач во близина на неговата куќа.
Премиерката изјави дека очекува министрите да ги следат упатствата што се бараат од граѓаните, но сè уште не се знае дали Кларк за оваа грешка ќе понесе политичка одговорност, пишува „Гардијан“.
Нов Зеланд е на четвртото ниво на блокада поради пандемијата на коронавирусот, што значи на граѓаните им се препорачува да останат во своите домови, а дозволени им се куси прошетки и рекреација, но се апелира да не се изложуваат на ризик од повреди.
Во Нов Зеланд засега се потврдени 868 случаи на заболени од коронавирусот.