Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу во изјава за „360 степени“ тврди дека полицијата за време на продолжениот викенд, во Охрид и секаде каде што увидела, изрекувала казни за прекршување на мерките за заштита од ковид-19.
Социјалните мрежи вријат со снимки и фотографиите од масовни собири и журки на плажите, како и по кејот на Охрид, без почитување на мерките за заштита од коронавирусот. СВР Охрид пак, соопшти дека во изминатово деноноќие, има 90 казни за неносење маска.
Со оглед на масовните собири, министерот Нухиу се согласува дека можеби казните се во мал број, но, вели дека полицијата во Охрид во моментов се соочува со преголем обем на работа, оти присутни се луѓе од различни социјални структури.
„Бројот на посетители овој викенд во Охрид е многу зголемен а гости се лица од најразлични социјални структури. Тоа предизвика зголемен ангажман и на полицијата за спречување нарушувања на јавниот ред и мир во поголем обем. Во однос на мерките и протоколите за заштита од ковид-19, полицијата казнува, а за економските операторите и угостителските објекти продолжуваат контролите во кооринација со Државниот пазарен инспекторат и со УЈП“,
вели Нухиу и најавува дека ќе се засилат контролите на плажите.
Првиот човек на МВР смета дека активностите на другите институции имале влијание врз релаксирање на граѓаните во однос на заштита од коронавирусот.
„Имаат влијание и другите активности на институциите, предизборната кампања, изборите, постизборниот период и други активности од јавен карактер. Создадената релаксирана клима во државата во однос на почитување на мерките и протоколите, влијаеше и врз перцепцијата на граѓаните за опасноста од ковид-19. Да не се заборава на последиците од вирусот. Иако сме ориентирани да делуваме превентивно, контролираме и казнуваме во континуитет. Друга алтернатива немаме“,
вели Нухиу.
Освен 90-те казни за неносење маски, СВР Охрид досега во продолжениот празничен викенд регистрирала и шест нарушувања на јавниот ред и мир, а за сторители се поднесени пријави. Во истиот период во Охрид приведени се и десет лица од други градови, кај кои е пронајдена марихуана. Се случиле и две сообраќајни незгоди. Охридските полицајци добиле на испомош и колеги од други полициски станици.