„Еден од сопствениците на ’4iG’ е најголемата воена индустрија од Германија, ’Рајнметал’ (Rheinmetall), којашто ги произведува, меѓу другото, тенковите ’леопард’. Така што, кога се спремаат да не напаѓаат треба малку повеќе да се спремаат од овие два оператора, повеќе да читаат и да не напаѓаат преку свои прокси-играчи во јавност, а мислам дека дури трошат време и енергија да не напаѓаат мене, премиерот Мицкоски, Владата, можеби е подобро да потрошат време и енергија да ги намалат цените и да дадат поевтини услуги на граѓаните“, вели Николоски
За прашањето за евентуален влез на унгарски „4iG“ во Северна Македонија како трет мобилен оператор, во услови кога има има стратешко партнерство со кинескиот производител „Хуавеј“, во изминатите неколку дена известуваше „360 степени“
Фактичката ситуација дека унгарската групација „Фор-ај-џи“ (4iG), која е заинтересирана да стане трет мобилен оператор во земјава, има стратешко партнерство со кинески „Хуавеј“, според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се спинови за да се нападне овој проект на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Изворот на ваквите, како што Николоски ги квалификува – напади, се двата актуелни телекомуникациски оператора во земјава „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, кои, како што изјави министерот во синоќешното гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител, тоа го прават за да го заштитат актуелниот дуопол што го имаат на пазарот.
Според него, двата оператора тоа не го прават директно, туку преку спинови кои ги пуштаат во јавноста преку свои прокси-играчи.
„Ако е ова проблемот, очекувано е тие два оператора да направат се да го нападнат овој наш проект. И тие не излегуваат јавно, туку пуштаат спинови во јавноста и така натака“,
рече Николоски.
Инаку, за прашањето за евентуален влез на унгарски „4iG“ во Северна Македонија како трет мобилен оператор, во услови кога има има стратешко партнерство со кинескиот производител „Хуавеј“, во изминатите неколку дена известуваше „360 степени“. Во објавите потсетивме дека земјава во 2021 година го смени законодавството за да оневозможи влез и користење на опрема од небезбедни производители, меѓу кои се вбројува и „Хуавеј“ што, пак, се случи откако кон крајот на 2020 година, владата на Зоран Заев и владата на САД, во мандатот на претседателот Доналд Трамп, потпишаа меморандум кој предвидува пристап на чисти и доверливи производители на 5Г-мрежи.
Вицепремиерот Николоски вчера изјави дека ако владата реши да оди со трет мобилен оператор, основен услов за да влезе на пазарот, е да доаѓа од земја членка на Европската Унија или на НАТО и исклучиво да користи чиста технологија.
„Две работи сакам да кажам. Прво, дали ќе одиме со трет мобилен оператор или ќе најдеме друг начин да се намали цената на услугите е прашање коешто треба да го одлучиме како влада, но исто така знам дека основен услов, доколку одиме со трет оператор, ќе биде операторот да е од земја членка на Европската Унија или НАТО и да користи исклучиво технологија којашто е т.н. чиста затоа што има закон во Македонија и одобрена од НАТО, со строга забрана за користење на руска, кинеска, индиска или која било друга технологија којашто не е одобрена од Алијансата“,
вели министерот за транспорт.
Во однос на групацијата „4iG“, Николоски рече дека тие што ја напаѓаат треба да проверат кој е еден од нејзините сопственици.
„Еден од сопствениците на ’4iG’ е најголемата воена индустрија од Германија ’Рајнметал’ (Rheinmetall) којашто ги произведува, меѓу другото, тенковите ’леопард’. Така што, кога се спремаат да не напаѓаат треба малце повеќе да се спремаат од овие два оператора, повеќе да читаат и да не напаѓаат преку свои прокси-играчи во јавност, а мислам дека дури трошат време и енергија да ме напаѓаат мене, премиерот Мицкоски, Владата, можеби е подобро да потрошат време и енергија да ги намалат цените и да дадат поевтини услуги на граѓаните“,
рече Николоски во интервјуто за Сител.
Претходно, говорејќи за дуополот, тој кажа дека актуелните оператори во земјава, идеално го имаат поделено пазарот поради што граѓаните и фирмите плаќаат поскапи цени за услугите. Според Николоски, ова е суштината на проблемот кој сакаат да го решат како Влада.
„Ние имаме дуопол, два оператора коишто идеално го имаат поделено пазарот, не знам јавноста дали знае, поделбата помеѓу ’Телеком’ и ’А1’ е 51/49, веројатно овие еден отсто не можат да ги најдат, па да е точно 50/50 поделбата. Граѓаните знаат дека не се нудат ниту пониски цени од кој било од овие два оператора, ниту поконкуретни услуги, едноставно не си конкурираат еден на друг. Еве, вие сте национална телевизија, плаќате за дигитализација на еден од овие два оператори, не можете на вториот да платите по поевтина цена затоа што не нуди таква услуга. Ги имаат дури и услугите поделено. Во такви услови страда стандардот на граѓаните и на фирмите од коишто граѓаните земаат плата“,
вели вицепремиерот и министер за транспорт.
Пред два дена и премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите го кажа својот став во врска со стратешкото партнерство на унгарската компанија и кинески „Хуавеј“, оценувајќи дека станува збор за приказни што се измислуваат.
И тој како и Николоски рече дека ставот на Владата е јасен, дека која било компанија да сака да биде дел од пазарот и да биде трет мобилен оператор, мора да ги исполни условите и критериумите во согласност со определбите на државата, во согласност со стратешката ориентација и од тие земји да биде потеклото на опремата којашто евентуално би била вградена.
Инаку, партнерството меѓу унгарскиот оператор „4iG“ и кинески „Хуавеј“ датира од октомври 2023 година, за чие склучување известија не само медиумите, туку и самата „4iG“.
„360 степени“, пак, уште летото 2020 г. објави дека тогашната влада на премиерот Заев, по контакти со американски претставници, побарала од најголемиот телекомуникациски оператор „Македонски телеком”, во кој државата има речиси 35 проценти удел, да ја преиспита намерата за купување нова опрема за 5Г-мрежа токму од „Хуавеј“. Зделката со „Хуавеј“ пропадна, а наместо кинеската фирма во игра влезе „Ериксон“ кој на „Македонски телеком“ му продаде опрема за 5Г-мрежа вредна 45 милиони евра. Таа е во функција од февруари 2022 г.
За можноста за влез на унгарски „4iG“ на пазарот во Северна Македонија, „360 степени“ побара став и од Амбасадата на САД во земјава.
„Веруваме дека владата ќе продолжи да го штити интегритетот на мрежата, да избегнува недоверливи добавувачи на хардвер и софтвер и да обезбедува сигурен и етички 5Г-екосистем во Северна Македонија“,
рекоа од Амбасадата на САД во Скопје.
„Рајнметал“ – малцински сопственик во „4iG“
Инаку, соработката на „4iG“ со германски „Рајнметал“, за која зборува Николоски, како што може да се види на веб-страницата на оваа компанија, датира од 2022 година, една година пред унгарската компанија и кинески „Хуавеј“ да го склучат партнерството.
Според овој договор за стратешко партнерство, „Рајнметал“ се стекнува со 25 проценти од „4iG“, а се основа и заедничка фрима за информатичка технологија во Будимпешта во која унгарската компанија поседува 51 отсто од акциите, а останатите 49 се на „Рајнметал“.
„Првичната мисија на ’Rheinmetall 4iG Digital Services LLC (R4)’ е да обезбеди ИТ-услуги поврзани со проекти и операции на локалните подружници на ’Рајнметал’ во Унгарија и ширум светот. Врз основа на деловните барања и можности, новото заедничко вложување планира постепено да го прошири опсегот на своите услуги за внатрешни и надворешни клиенти“,
се наведува во соопштението од пред две години на „Рајнметал“.
На почетокот на август министерот Александар Николоски беше во Будимпешта, каде што се сретна со претседателот на „4iG“, Гелерт Жасзаи, кој преку неговата компанија „КЗФ“ има 50,22 отсто сопственост во „4iG“.