„Доколку изнајдеме некое решение кое не зависи само од министерот за образование и нашите желби, доколку се отвори некоја можност, сè доаѓа во обзир. Но, во овој момент јас таа можност не ја гледам“, вели Јаневска
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека во моментов не гледа можност за покачување на платите на наставниците иако остава простор за дијалог со Синдикатот за образование и наука (СОНК).
Таа порача дека ќе разговара со сите социјални партнери и дека ќе бара начин да ги мотивира наставниците на сите можни начини. Овој нејзин став беше одговор на новинарско прашање за ставот на СОНК дека по закон на наставниците им следува зголемување на платите за 12 проценти.
„Со сите мои сили образложувам зошто е потребно, грчевито се борам и ќе се борам, но реалните можности се реални. Доколку изнајдеме некое решение кое не зависи само од министерот за образование и нашите желби, доколку се отвори некоја можност, сè доаѓа во обзир. Но, во овој момент јас таа можност не ја гледам“,
изјави Јаневска.
Јаневска рече дека прво е потребно да се спречи слободниот пад на државата.
„Ние сме отворени за разговор и дијалог. Јас уште еднаш велам, мора реално да ја согледаме можноста. Повторувам, сите вие знаете каква девастирана држава наследивме не само во образованието. Ние сега треба да го спречиме слободниот пад на државата, да ја стабилизираме, да го придвижиме кон нулата и од тука да почнеме да градиме нанапред“,
смета таа.
Инаку, Јаневска вчера изјави дека и таа е за покачување на платите на наставниците велејќи – „јас не сакам да им се зголеми платата за три, туку за 30 отсто, уште утре, кога тоа би било можно“.
Министерката за образование и наука денеска во Штип оствари средба со градоначалникот Иван Јорданов и со ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски.