„Јас ги тргам процентите, зборувам за апсолутен износ. Погледнете ги првите квартали кај Тевдовски, кај Бесими – има зголемување по 300 милиони евра. Сега имаме намалување“, вели Гордана Димитриеска-Кочоска

Во првиот квартал од 2025 година јавниот долг е намален за 36 милиони евра во споредба со крајот на претходната година, што се случува првпат во последните години, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во „360 степени“ на МРТ 1.
Таа додава дека секој што сака да се увери во овие информации може слободно да ги провери податоците објавени на веб-страницата на Министерството за финансии, а за забелешките на дел од експертите дека намалувањето во релативен износ е резултат на вештачко зголемување на БДП, министерката вели:
„Јас ги тргам процентите, зборувам за апсолутен износ. Погледнете ги првите квартали кај Тевдовски, кај Бесими – има зголемување по 300 милиони евра. Сега имаме намалување. Јас не сум ја измислила методологијата. И Бесими, и Нина, и Тевдовски, и Ставрески, сите така пресметувале“.
Според податоците објавени на интернет-страницата на Финансии, заклучно со 31 март, јавниот долг изнесува 57,7%, односно 9 милијарди 584 милиони евра во споредба со 31 декември 2024 г., кога бил 9 милијарди 619 милиони евра или 62,4 отсто од БДП.
Во однос на прашањата за одржливоста на долгот, односно дали државата ќе биде способна да ги враќа заемите, министерката вели дека кулминацијата е достигната годинава и оти од следната тој ќе се намалува. Годинава, вели Димитриеска-Кочоска, треба да ја завршиме со 61,7 отсто.
„Може да ми забележуваат што сакаат, но пред фактите и боговите молчат. Не експертите, туку цела македонска јавност. Тоа покажува само каква е мојата грижа кон буџетот. Можев и јас многу лесно да ја задолжам државата, ќе ја задолжевме за 300-400 милиони евра, погледнете ги каматните стапки кои се, седум отсто имало во 2023 година на еврообврзницата, ќе ги земевме, ќе ги трошевме на крајот на годината. А каматите кои ги плаќаме месец за месец? Кој ќе одговара за тоа? Јас многу внимавам“,
кажа министерката за финансии.

Димитриеска-Кочоска вели дека нејзините претходници, за разлика од неа, се задолжувале во првиот квартал за да бидат спокојни до крајот на годината, а каматите ги плаќале граѓаните и оти таа како министерка нема да дозволи такво нешто, а за тоа доказ се податоците на веб-страницата на Министерството.
Во контекст на најавените нови инвестиции и во однос на тоа дали јавниот долг ќе остане на одржливо ниво, таа вели дека буџетот ќе расте поради зголемените капитални инвестиции, а не поради зголемено задолжување без покритие.
„Болниците веќе се проектирани, железницата доаѓа. Прашањето е само кој извор на финансирање ќе се користи – се планира внимателно“,
вели министерката.