Сто припадници на македонската Армија од денеска ќе бидат распоредени на неколку критични точки во Словенија, каде што ќе им помагаат на своите словенечки колеги за расчистување на теренот по катастрофалните поплави кои ја зафатија земјата минатите денови и кои направија штета од неколку милијарди евра
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, вчера ги посетија војниците кои ќе заминат во Словенија како поддршка на словенечките сили во справувањето со последиците од големите поплави.
Министерката на војниците им порача да бидат посветени и да дадат сѐ од себе исто како што нашите словенечки пријатели ѝ помогнаа на С Македонија за време на големите пожари кои ја зафатија земјава пред две години.
„Словенија е еден од нашите најблиски сојузници и тие денеска имаат потреба од вас, вашата посветеност, вашата професионалност. Со вашата подготвеност да заминете веднаш покажувате дека сте вистински заштитник не само на македонските граѓани, туку и на граѓаните на сите сојузнички држави. Ви благодарам што како и многупати досега и овојпат го прифаќате предизвикот, тргнувате мотивирани и волни да му помогнете на словенечкиот народ. Северна Македонија и Словенија се пријателски држави и во тоа име правиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме“,
рече Петровска.
Началникот на Генералштабот, Ѓурчиновски, кажа дека земјава има историска обврска и можност да возрвати на пријателскиот словенечки народ
Македонските војници беа подготвени уште вчера да заминат за Словенија, но се чекаше одржувањето на Владината седница за да се официјализира помошта. Петровска вчера рече и дека биле побарани и технички средства и материјална поддршка, но во овој момент нашата земја не била во можност да одговори, меѓутоа, доколку во иднина се испратат барања на кои ќе можеме да одговориме, министерството ќе реагира.
Катастрофалните поплави предизвикани од силното невреме кое ја зафати Словенија предизвикаа смрт на најмалку шест лица, додека, пак, материјалните штети се очекува да достигнат неколку милијарди евра.