Според пресметките на ССМ, во април на едно четиричлено семејство му биле потребни 60 212 денари за основните потреби, а минатиот месец 58 998 денари
Минималната синдикална кошница за април изнесува 60 212 денари и е покачена за 1 214 од минатиот месец, кога беше 58 998 денари.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во април едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 22 200 денари или 36,9 отсто од вкупниот износ на минималната кошничка. За облека и обувки 4 866 денари, за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6 014 денари, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 827 денари, за здравје 1 059 денари и за транспорт 5 068 денари.
За комуникација на едно четиричлено семејство во април годинава му биле неопходни 3 004 денари од вкупниот износ на минималната кошничка, за рекреација и култура 4 378 денари, за образование 6 955 денари, за ресторани и хотели 3 890 денари, а за останати стоки и услуги 950 денари.
Според пресметките на ССМ, за оние семејства што живеат во стан под кирија потребни им се дополнителни 15 375 денари.