Доколку СДСМ и ДУИ немаат намера ги прифатат или сериозно да ги вклопат забелешките на ВМРО-ДПМНЕ за француската преговарачка рамка , не гледаме смисла во понатамошни разговори за кои би дискутирале за козметички заклучоци за внатрешна употреба, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошовски
ВМРО-ДПМНЕ ги претстави своите 6 забелешки за кои велат доколку се прифатат може да го подобрат квалитетот на договорот и да ја заштитат Македонија од ретроградни разговори за историјата и националните херои на земјата.
Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција ги претстави забелешките кои партијата ги има во однос на преговарачката рамка и заедничкиот став на Европската Унија. За преговарачката рамка, бараат две измени во точките 3 и 5 од предлогот односно, да стои дека законодавството на ЕУ се преведува само на македонски јазик без дополнителни квалификации за јазикот бидејќи како што кажа ниту една трета држава нема право да го толкува јазикот на некоја друга држава, и бришење на алинејата од точката 5 за кои велат дека станува збор за билатералниот протокол со Бугарија.
„ Ова е замка бидјеќи годишните прегледи кои се повикуваа на член 12 преведено на поедноставен јазик за јавноста значи дека билатералниот македонско-бугарски протокол којшто Владата се уште го крие и затоа сметаме дека не треба да го обременува овој документ бидејќи истиот нема да служи за постигнување на стандарди туку ќе служи за политички конфронтации и тензии кои нема да и донесат добро ниту на Македонија ниту на Бугарија ниту на европските стандарди“
истакна Милошовски
За документот насловен како Заеднички став на Европската Унија предлага четири измени во точките 1,11,13 и 14 односно, случајот со Македонија да не биде преседан во Унијата и да нема прва и втора фаза од почетокот на преговорите, бидејќи како што вели Милошовски со ваков документ е очигледно дека Македонија нема веднаш да ги започне преговорите. Воедно побара модификација на делот за Уставните измени, односно стартот на преговорите со Македонија да не зависи од уставните измени кои според ВМРО-ДПМНЕ ќе допринесат за политичка поларизација и тензии на релација Скопје-Софија.
„Овој член 14 од заедничкиот став на Европската Унија најдецидно ја демантира власта која крие дека протоколот е дел од преговарачката рамка, во еворпските документи јасно покажува дека македонско-бугарскиот протокол е дел од преговарачката рамка и затоа Македонија не треба да прифаќа ваков преседан“
кажа Милошовски
Тој воедно ги повика и пратениците од владејачкото мнозинство да не одат на принцип на надгласување, бидејќи за вакви одлуки е потребен консензус и додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествувана секоја дебата во Собранието, застапувајќи ги барањата на македонските граѓани и интересите на Македонија.