Иницијативата за вонреден конгрес не е ниту статутарна ниту правна, е ставот на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кој денеска на прес-конференција го соопшти пратеникот и член на Извршниот комитет (ИК) на партијата, Антонијо Милошоски, во врска со вонредниот конгрес што го закажа Иницијативниот одбор.
Милошоски уште еднаш ги повтори обвинувањата кои можеа и претходно да се слушнат од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека лицата од Иницијативниот одбор, кои бараат смена на Христијан Мицкоски, се блиски со Зоран Заев.
„Ова е политичка иницијатива на група луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Заев да му фрлат гума за спасување и да го одвлечат вниманието. Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, со нула вакцини, 3 илјади жртви, 55 000 нови невработени и многу затворени фирми, оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и Заев којшто во моментот во самото Собрание е на стаклени нозе со своето мнозинство да може да ја дефокусира јавноста да се занимава со споредни теми во опозицијата. Затоа сакам да напоменам дека ваквата иницијатива правно гледано е нестатутарна, политички гледано е координирана со Заев кому му е очајно потребен дефокус од лошите политики“,
изјави Милошоски.
Тој им порача на членовите на Иницијативниот одбор дека во март конгрес ќе одржи и СДСМ, па можат да направат заеднички конгрес. Што се однесува до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, вели Милошоски, не се изненадени од ваквиот чекор.
Од Иницијативниот одбор, пак, во соопштението испратено утрово, наведуваат дека одлучиле да свикаат вонреден конгрес на 28 март.
„Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сè уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка. Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на којшто му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг“,
соопштија од Иницијативниот одбор.
Тие најавија дека во наредните денови ќе ги формираат телата за спроведување на конгресот, ќе го промовираат слоганот и ќе отпочнат со дистрибуција на покани и материјали за делегатите, а исто така ги повикаа заинтересираните кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации.