Сериозно се подготвуваме за утрешната посета на премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски на Бугарија, коментира бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков во интервју за неделната програма „Недела 150“ на БНР. Според Милков, односите меѓу Скопје и Софија имаат многу димензии, тие се повеќеслојни и не можат да се мерат со прашањата за снабдување со електрична енергија од Бугарија во Република Северна Македонија.
Милков, исто така, вели дека очекува да се разговара за широк спектар на прашања и да се направат видливи чекори за решавање на сите прашања.
Работите ќе се разгледуваат во нивната меѓусебна зависност, рече Милков и додаде дека кога ќе дојде премиер од соседна држава треба да се постават сите прашања кои би биле од интерес за двете земји.
Прес-центарот на бугарската влада веќе објави официјална информација за посетата на премиерот Ковачевски. Од прес-службата на македонската влада вчера соопштија дека владина делегација ќе замине за Софија на состанок за енергетската криза, но без детали со кого ќе се сретне премиерот Ковачевски.
„Работната посета на премиерот Ковачевски и делегацијата од ресорите економија и енергетика е за справување со последиците на светската енергетска криза“,
соопштија од Владата.
Патувањето на Ковачевски со владина делегација во Софија следува еден ден по завршувањето на Саемот за вино, храна и туризам во рамки на Отворен Балкан, кој се одржува во Белград каде се случи и политички самит во рамки на оваа иницијатива во која се Северна Македонија, Србија и Албанија.
По Самитот политичките лидери на овие земји најавија дека ќе побараат помош од ЕУ, чија членка е и Бугарија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера на средба со словенечкиот претседател Борут Пахор побара финансиска помош од ЕУ за надминување на енергетската криза во Србија и земјите од Западен Балкан.
„Го замолив Пахор доколку биде во можност да се заложи пред институциите на ЕУ за финансиска помош за увезената струја или пак за дел од веќе потрошената струја. Сигурен сум дека можеме да сметаме на поддршка на словенечкиот пријател. Секако дека не очекуваме помош висока како да сме членки на Унијата, но се што можеме да добиеме би било значајно и за Србија но и за другите земји од регионот“,
рече Вучиќ.