Посетата на премиерот и делегацијата од ресорите економија и енергетика е за справување со последиците на светската енергетска криза, кратко најавија од Владата
Премиерот Димитар Ковачевски во понеделник (5 септември) со владина делегација ќе отпатува во Софија на разговори за справување со енергетската криза.
Во најавата од владината прес-служба засега нема детали со кого конкретно Ковачевски ќе се сретне и за што точно ќе се разговара во Бугарија.
„Работната посета на премиерот Ковачевски и делегацијата од ресорите економија и енергетика е за справување со последиците на светската енергетска криза“,
велат од Владата.
Во Бугарија на должност е техничка влада на чело со премиерот Галаб Донев, којашто претседателот Румен Радев ја назначи во пресрет на парламентарните избори закажани за 2 октомври.
Патувањето на Ковачевски со владина делегација во Софија, пак, ќе следува еден ден по завршувањето на Саемот за вино, храна и туризам во рамки на Отворен Балкан, кој се одржува во Белград каде вчера се одржа и политички самит во рамки на оваа иницијатива во која се Северна Македонија, Србија и Албанија.
По Самитот политичките лидери на овие земји најавија дека ќе побараат помош од ЕУ, чија членка е и Бугарија.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Скопје, Тирана и Белград ќе побараат и дополнителна финансиска поддршка од ЕУ и порача Унијата да не го повтори срамното однесување кон Западен Балкан во однос на енергетската криза, како што беше случај за време на пандемијата на коронавирусот, кога земјите од регионот беа принудени да се обратат до Русија, Кина и Турција за помош со вакцините.
Зборувајќи за справувањето со енергетската криза на истата прес-конференцијата, премиерот Ковачевски ја спомена Бугарија велејќи дека тоа е држава која граничи две земји (Србија и Северна Македонија) кои се дел од Отворен Балкан и мора да се работи на обезбедување непречено функционирање на меѓународните интерконекции во текот на целата зима, на барање на стопанските субјекти кај нас.
Во интервју за РТС емитувано синоќа тој повторно ја спомена Бугарија велејќи дека се комуницира со неа за обезбедување електрична енергија бидејќи тоа е една од земјите во Европа која има нето вишоци на струја благодарение на тоа што поседува нуклеарна централа.